Како што знаеме музејот или поточно речено Фондацијата „Луј Витон“, официјално ги отвори своите врати во 2014 година и оттогаш е дом на навистина високобуџетни, но и на провокативни изложби.
Продолжувајќи да биде организатор на must-seen изложби, овој музеј како спектакуларна архитектонска структура на Френк Гери, сместен на работ на идиличната Булонска шума во северниот дел на Париз (16-ти арондисман), во моментов е домаќин на една навистина прекрасна, неверојатно хипнотичка изложба со наслов Au diapason du monde („Во склад со светот“).
Изложбата претставува нов избор на уметници и уметнички дела од колекцијата на галеријата кои покриваат еден дијапазон од ерата на Модерната, па сè до најсовремените случувања во светот на визуелната уметност. Со употребата на различни медиуми (слики, скулптури, фотографии, видео и инсталации), изложбата за првпат од отворањето на музејот во 2014 година просторот го користи во целост (ентериерно и екстериерно).
Со изложбата споени се модерни и современи уметнички дела од неколку различни медиуми, од коишто повеќето никогаш не биле изложени во овој простор.
Фокусирана околу насловот на изложбата, темата ги одразува прашањата за присуството на човекот во универзумот, поставката е повеќе од едноставно висење на делата на ѕидовите, односно изложбата Au diapason du monde е зачната врз основа на јасно одредена тема. Темата ги рефлектира денешните прашања за местото на човекот во универзумот и врските што го поврзуваат со неговата околина и со живиот свет, истакнувајќи ги врските меѓу човечкиот, животинскиот, растителниот и минералниот свет.
Што значи да се биде au diapason du monde – во склад со светот – кога светот се чини неповратно докрај се фрагментира? Тоа е големо прашање, можеби најважното прашање денес, бидејќи спојувањето на културата и природата, на луѓето и машините, покажува дека концептите за кои некогаш се мислело дека се паралелни, одвоени и непроменливи, всушност, докрај се податливи и радикално се преплетуваат/менуваат со текот времето. Изложбата Au Diapason du Monde во Фондацијата „Луј Витон“ во Париз на свој оригинален и уметнички/визуелен начин одговара за фундаменталните прашања за постоењето: местото на човештвото во универзумот, безбројните врски меѓу себе и живиот свет, судбината на нашата планета и нашиот вид.
Оваа изложба ги следи изложбите посветени на уметноста на Африка и Кина и ја потврдува целта на Фондацијата да претстави модерни и современи уметници од целиот свет на својата (најчесто интернационална) публика.
Целата сложена поставка поврзува 29 современи уметници (некои од нив се најголемите имиња на 20 век), во вешта и волшебна испрекинатост на четирите ката на „прекрасно дезориентираната градба“ на Френк Гери.
Џовани Анселмо (1934, Италија), Метју Барни (1967, САД), Кристијан Болтански (1944, Франција), Марк Брадфорд (1961, САД) Џејмс Ли Басар (1932-1997, САД), Маурицио Кателан (1960, Италија), Јан Ченг (1984, САД), Андреа Креспо (1993, САД), Триша Донели (1974, САД), Дан Флавин (1933-1996, САД), Киприен Гајард (1980, Франција), Алберто Џакомети (1901-1966, Швајцарија), Доминик Гонзалес-Ферстер (1965, Франција), Жаклин Хамфрис (1960, САД), Пјер Уиг (1962, Франција), Ив Клајн (1962, Франција), Марк Леки (1990, Велика Британија), Анри Матис (1869-1954, Франција), Франсоа Мореле (1926-2016, Франција), Такаши Мураками (1962, Јапонија), Филип Парено (1964, Франција) , Сигмар Полке (1941-2010, Германија), Герхард Рихтер (1932, Германија), Бани Роџерс (1990, САД), Вилхелм Саснал (1972, Полска), Шимабуку (1969, Јапонија), Кики Смит (1954, САД) Адријан Вилар Ројар (1980, Аргентина) и Аника Ји (1971, Јужна Кореја).
Изложбата е организирана низ две различни, но комплентарни секвенци во рамките на галериите на Фондацијата.
Така, Sequence A нуди увид во творештвото на познатиот јапонски уметник Takashi Murakami, додека Sequence B ги поврзува француските и интернационалните уметници, секој(а) од нив со различни техники и пристапи.
Почнувајќи од најниското ниво на Фондацијата, (човечкото) тело е прикажано во сите негови форми.
Прекрасната тенка бронзена фигура на Алберто Џакомети, L’homme qui chavire (1950), со својот наслов го отвора првиот дел од изложбата. Оваа затекната фигура, фатена во „замрзната“ состојба, спуштајќи се на колена, со нерамномерни раце, укажува на тоа дека едвај може да го балансира своето тело.
Друго дело кое ја изразува фрагментарноста на телото и самата тема на изложбата е делото на уште еден голем мајстор кој припаѓа на Модерната – Anthropometrie sans titre (ANT 104) од 1961 година на Ив Клајн – огромно сино платно, насликано во речиси симетричен дизајн, а изработено од страна на неговите голи модели, „натопени“ во авторскиот потпис патентиран како International Klein Blue пигмент.
ИДНИНА
Но, дали телото има иднина? Глобалните одговори на актуелните современи уметници се чини дека велат дека НЕМА.
Така, поставката на Sequence А, која се наоѓа на вториот кат на музејот (галерии 9, 10 и 11) на посетителот му нуди комплетно внурнување во светот на јапонскиот уметник Такаши Мураками.
Осврнувајќи се на политичката, културната и општествената историја на Јапонија, Такаши Мураками страсно го култивира светот, и оној темниот и оној прекрасниот, комбинирајќи ја естетиката на Каваи со референци кои се однесуваат на траумите на неговата земја, како што се атомската бомба, или од блиското минато како што е цунамито. Преку разновидноста на формите и материјалите претставени во оваа изложба (како што се слики, скулптури и видеа), плодното дело на Такаши Мураками е исполнето со слобода на неограничена фантазија, со една заситеност од бои и фантастични суштества, получовек – полуживотно, мешање на популарни и научни култури, будистичка иконографија и манга, традиција и модерност, Запад и Исток, техники на предците и најнапредна технологија. Тука (во галерија 9) е секако и DOB, првиот лик измислен од уметникот во 1993 година, а кој се смета за негово алтер его. Тој се појавува и во маската на симпатичен глодар во стилот на Мики Маус и како злобно, жестоко чудовиште, покриено со очи и остри заби.
ПОСТАПОКАЛИПСА
Sequence B, или „Човек во живиот космос“ содржи 28 француски и интернационални уметници од различни генерации и техники. Се простира на останатите три ката од објектот како и во надворешниот Grotto простор. Маршрутата е структурирана околу три комплементарни теми, секоја посебно презентирана на трите ката: „Зрачења“ (1-ви кат); „Таму, бескрајно… “ (приземје); L’Homme qui chavire (ниво на базен).
Насловот „Зрачења“ се однесува на светлосниот зрак во делотот на Дан Флавин и ги спојува делата во различни медиуми: слики, скулптури, видеа, инсталации. Секое дело се однесува за постојаниот дијалог на човекот со природата, на истражувањата за тоа како различни материјали и нивните метаморфози можат да создадат космички пејзаж. Делото Untitled на Дан Флавин, едно од неговите први креации со флуоресцентни цевки, зрачи со сила однатре, што ѝ дава на скулптурата уникатен квалитет.
Во овој дел меѓу изложените врвни дела ќе споменеме само неколку како што се сликарското платно од Герхард Рихтер од серијата Flow (2013) кое се однесува на протокот на бојата што се шири од раката на уметникот и кој е „скротен“ од стаклената плоча поставена на површината, а која дејствува како огледало (за разлика од блескавите бои кои се ригорозно структурирани во Lilak од 1982 година). А тука е големиот Сигмар Полке со неговиот тајно алхемиски пристап во делото Nachtkappe I (1986), родено од уникатна комбинација на боја, сок од индиго и лак за алкохол.
Вертикалната проекција на Триша Донели, Untitled (2014, која создава мистериозно отворање во пределот на подвижните облаци.
Или делото Water Cast 6 (2015) од Метју Барни кое го прикажува експлозивниот резултат на мешањето на стопена бронза со вода, а се добива збир на апстрактни органски форми кои потсетуваат на суптилноста на финиот накит.
Во приземјето се сместени делата со заеднички наслов „Таму, бескрајно… “. Ќе ја истакнеме монументалната мермерна скулптура Untitled, од серијата Theatre of Disapperarance (2017) на аргентинскиот скулптор Адријан Вилар Ројар. Скулптура инспирирана од „Давид“ на Микеланџело, од која тука се наоѓаат само нозете, како единствена преостанатост на овој постапокалиптичен свет.
Или делото With Bathers in Asnières (2010) на Вилхелм Саснал коешто претставува реинтерпретација на дело од Жорж Сера врз основа на „сеќавања“ за животот во Полска во 1939 година.
Во делот L’Homme qui chavire што се наоѓа на ниво на базенот на објектот меѓу останатите се бронзената скулптура на Кики Смит, Annunciation (2010), кое наметнува мистериозно присуство.
Во делото La ballade de Trotski (1996), Маурицио Кателан го претставува човештвото со коњ, поттикнувајќи го евентуалниот крај на утопијата. Тука се и автопортретите на уметникот во латекс, Spermini (1997), кои се осврнуваат на двојното и клонирањето.
Надвор од галерискиот простор, во Grotto просторот е инсталиран гигантот Felix the cat (2017) од британскиот уметник Марк Леки.
Главен куратор на изложбата е Сузан Паже.
Изложбата е отворена до 27 август оваа година.
Текст и фото: Дејан БУЃЕВАЦ (специјално за Порта 3 од Париз)