„Порта 3“ во две продолженија ќе ја објави сторијата за култниот хотел „Илинден“, некогашниот симбол на туризмот во Крушево и Македонија. Ќе се обидеме да одговориме на повеќе прашања. На пример, зошто Крушево не може да стане едно Банско, Мецово или, не дај боже, Андора, а ја има и отповеќе нивната убавина? Зошто убавата идеја за обнова застана во завршна фаза? Зошто ентузијазмот и животниот проект на проектантското биро „Ајвар“ сè уште не се заврши? Зошто? Зошто? …
Четириесетина години наназад. Со катедрата архитектонски векови на професор Крум Томoвски, доцент Радомир Волинец и тогаш асистент Михаил Токарев, бевме во Крушево на архитектонско снимање на старата крушевска куќа, како една од највпечатливите од старата македонска аехитектура. Уживавме во работата, но и во прекрасниот амбиент на највисокиот град на Балканот. Централно место за престој и дружење ни беше хотелот „Илинден“, на почетокот на коријата, прв објект од ваков вид изграден во Македонија уште во далечната 1949 година. Во тоа време бренд на крушевскиот туризам. Не се сеќавам на нивото на условите во хотелот, но во сеќавање ми остана главното место на нашите средби за дружење и сликање – терасата, со прекрасен поглед на градот под нас. Крушево во тие времиња беше жив и динамичен град, полн со млади и многу посетители и лете и зиме.
Со идеалната надморска височина, преубавата местоположба со прекрасни погледи кон Прилепското поле, неповторливата убавина на природата, историјата на нашето најславно Илинденско востание и архитектониката на градот, Крушево е единствен планински бисер за Македонија, па и пошироко. Природна воздушна бања, со извонредни потенцијали за зимски и летен туризам, спорт и рекреација. А тука се и прекрасните крушевчани со отворена душа и голема гостопримливост. Сите предуслови за успешена приказна.
Минуваа години. Македонија се осамостои. Крушево сè повеќе паѓаше во заборав. Од многуте планови, надежи, ветувања за безцаринска зона, балканска Андора, не остана ништо. Убавите хотели „Панорама“ и „Монтана“ полека пропаѓаа. Хотелот „Илинден“ се затвори. Младите се иселуваа без поврат. Градот умираше.
И тогаш, во 2006 година, се појавија Бато, Ранчо, Ѓорги и дружината од македонскиот проектантски бренд „Ајвар“, кои и самите беа дел од приказната од почетокот на текстот, и влегоа во пректот за „враќање во живот на хотелот Илинден“. Се формира наменска хотелско- угостителска (изведувачка) фирма „Корија“, која го откупи веќе руинираниот хотел со идеја да му го врати старото значење и реноме.
Направена е детална анализа и економски елаборат, и кон крајот на 2007 година проектот беше готов. Веднаш се започна со обемна и тешка реконструкција на постоечкиот објект, а во текот на 2008 година репарацијата и изведбата на ново доградените и надградените делови до ниво на карабина беше завршена. За првпат по долгогодишното умирање, со овие зафати се врати позитивната енергија и надежта за враќање на стариот сјај на историскиот град.
Се врати надежда за враќање на симболот за туризам во нивниот скоро изгубен град. „Ајвар“ со сиот свој животен багаж, како докажани архитекти- проектанти, изведувачи, но сега и како инвеститори влегоа во тој за нив животен проект – да се биде или не.
Во тој налет на ентузијазам, кон крајот на 2008 година, се појави и Ранко Петровиќ– Бубамара со неговиот проект „Крушево етно град“, со кој ги реафирмираше веќе подзаборавените етно елементи на традиционалните крушевски обичаи и култура. Амбициозниот и пред сè продуховен проект заживеа во предилинденските денови на 2009 година со својата прва манифестација. Еуфоријата на крушевчани, но и на сите што го сакаат овој прекрасен град, кулминираше.
Се направија проектите од кои бликаше современост и желба за современ хотел, но и со домашен крушевски амбиент, истовремено задржувајќи ги основните контури на постојниот објект направен по стариот испробан систем на планински куќи со дебели камени зидови. Проект кој од архитектонско-градежен аспект се базираше на современите тенденции за висока енергетска ефикасност на објектот, а во однос на деловните планови се потпираше на извонредните еколошки потенцијали на Крушево и неговата околина, како и на искуството во угостителството и познатите кулинарски вештини на крушевските домаќини.
Полека се „отвораше“ старата градба со сета своја богата носталгичност. Ентузијазмот на сите, од тимот проектанти до крушевските мајстори и секојдневните посетители, беше на највисоко ниво. Крушевчани живееја со новата надеж. Новиот проект врз старите темели ги добиваше своите нови современи содржини.
Со планираната доградба и надградба, постојниот објект од 2.500 м2 израсна во објект од 4.500 м2 со капацитети за сместување, јавни повеќенаменски простори, како и сите потребни помошни и технички простори, проектиран по меѓународни стандарди за категорија на хотели со 4 ѕвездички. Вкупниот капацитет од 104 основни и 33 помошни легла е распределен во: 23 спални соби, девет студија, 12 еднособни и двособни апартмани, како и во претседателскиот апартман. Сите соби се со потребениот комфор, сопствени бањи и потребна опрема.
Јавните простори беа проектирани со зголемен капацитет, со желба за прием на крушевчани и надворешни дневни посетители, како и за перспективно проширување на сместувачкиот капацитет. Хотелот требаше да биде она старото собирно место во кое ќе се служат познататите крушевски специјалитети и ќе се дружи во домашна опуштена атмосфера.
Вака конципиран ќе ги содржи следните функции: ресторан за 140 гости, конференциска сала со 150 седишта, која по потреба функционално се поврзува со ресторанот, сала за доручек и аперитив бар, спа–центар со сите неопходни содржини, затворен базен со фитнес, винарија, кафе–слаткарница и Крушевска соба за 100 гости со простран чардак, како шлаг на тортата, на мансардата со поглед кон центарот на прекрасниот град.
Најзначајно од сè е задржување во целост на култната тераса која е решена на две нивоа – помалото функционално е поврзано со влезниот хол и аперитив барот, а поголемото со ресторанот и конференциската сала.
Компликуваниот дел на поставување на новите инсталации со најсовремени решенија беше успешно решен. Сопствено греење, трафостаница, соларен систем, климатизирани јавни простории како и екосистеми за прифаќање на отпадните води. За директен приод на ниво на главниот влез и рецепцијата, предвидена е нова пешачко-колска сообраќајница која го обиколува комплсксот на хотелот во должина од 250 метри и воедно служи за приод на интервентни возила за обезбедување на објектот и неговите гости.
До 2010 година беа завршени поголемиот дел од градежно–занаетчиските работи, како и фасадата и пристапните и обиколни патишта со потребниот проширен паркинг простор за хотелските гости но и за дневни посетители.
Фасадната архитектоника ја навестуваше убавината на новиот „Илинден“, на старо–новиот планински бисер на Крушево вгнезден помеѓу коријата и боровата шума. Но судбината или можеби нешто друго не дозволи таа еуфорија и ентузијазам на градителите да се продолжи. Темни облаци надојдоа над судбината на големиот проект…
(продолжува во наредниот број)
Навистина штета, кујзнае кој треба да го лапне хотелов чим застанала градбата!