Насловна / Вести / Враќање на Месечината – научната фантастика станува реалност

Враќање на Месечината – научната фантастика станува реалност

Изминативе четири децении, од мисиите Аполо на Американската агенција за вселенско истражување – НАСА, Месечината, нашиот најблизок сосед, беше без директен човечки контакт.

Foto 1

Ова е на добар пат да се смени. Во играта или трката за тоа дали ќе влеземе во ерата на постојано човечко присуство на Месечината, освен САД и Европа, се вклучени и Русија, Кина, Индија и Кина.

Сепак, можеби прво треба да се постави прашањето – Како ќе се стигне до таму?

НАСА е силно определена во реализација на планот. Агенцијата е финансирана од Владата, но за оваа цел веќе одамна тесно соработува со приватни и со меѓународни партнери.

Foto 2

Првата од трите фази на програмата Артемис е предвидена за оваа пролет. Се работи за прелет околу Месечината во траење од четири до шест недели без екипаж. Ова е прв интегриран тест на системите на НАСА, со вселенското возило Орион.

Потоа кон средината на 2020-тите години би следувал уште еден прелет, и тоа со човечки екипаж, вклучувајќи ја првата жена.

Foto 3

Целта е воспоставување одржливи мисии до 2028 година, а искуството од Артемис ќе се искористи за следниот џиновски чекор – испраќање астронаути на Марс.

Како да се патува и да се остане ефикасно?

Како прво, факт е дека колку помалку земете со себе, толку подобро.

За илустрација, лансирање на само еден килограм материјал во вселената чини најмалку 10 илјади долари, а тоа е дури и пред да го внесете во Месечевата орбита и да го спуштите на површината.

Затоа, еден од најголемите предизвици во овој процес е користење ресурси на и од самото место, и затоа токму локалните ресурси ќе одлучат каде ќе биде лоцирана базата.

Актуелна е идејата да почне да се гради на далечната страна на Месечината или на онаа од спротивната страна на Земјата. Но, за првично живеалиште како подобро решение од аспект на ресурсите, се разгледува пределот близу Јужниот Пол бидејќи се смета дека таму има голема количина на замрзната вода и други минерали.

Updates in Orion High Bay - March 2019

Друг фактор на Јужниот Пол којшто би играл голема улога, е климата. За разлика од Земјата, на Месечината ѝ е потребен речиси еден месец за да заврши една ротација околу својата оска. Така, на повеќето нејзини делови, периодите на ден и ноќ траат по околу две недели. Сепак, некои делови на Јужниот Пол се речиси секогаш осветлени, слично како нашиот Северен Пол на лето.

Ова значи дека нема огромни промени во температурата и соларните панели можат да впијат многу светлина со која ќе напојуваат потенцијална колонија. Ако на почетокот човечкиот екипаж изгледа како преголем ризик, на базата се предвидува „населување“ само на роботи. На постојаните роботски енклави машини би се собирале примероци од Месечината коишто потоа со ракети би се испраќале на Земјата за анализа.

Градење на базата

Појавата на 3Д печатењето може да ја промени играта. Астронаутите на Меѓународната вселенска станица (ISS) веќе користат 3Д печатач за бројни проекти, така што многумина во индустријата се возбудени за изгледите слична техника да се употреби и на базите на Месечината.

Foto 5

Во тек се консултации и со приватни архитектонски компании за можноста на Месечината да се создаде инфраструктура од големи размери, токму со 3Д печатачи и тоа со користење почва од Месечината како суров материјал. Познато е дека Месечевиот реголит може да се процесира со оваа техника, но останува секако да се види како овој материјал може да се собере во доволни количини и да се донесе до печатачот и како би функционирал системот во услови на намалена гравитација.

Живеење на Месечината

Одржувањето на здрави астронаути во средина со помала гравитација и поголема радијација од Земјата е важен предизвик за медицинските истражувачи. Уште на почеток се јавуваат многу биолошки проблеми. Луѓето можат да опстојат на Земјата, но не на карпест предмет или како што се нарекува природен сателит на оддалеченост од 380.000 километри. Потенцијалните придобивки за целото човештво се огромни во однос на превенцијата и третманот на губење на коските и мускулите и некои видови на рак. Се очекува потоа да следуваат и други медицински достигнувања. Истражувањето на Месечината воедно создава и нови деловни можности за технолошки иновации и апликации и искористување нови ресурси. Конечно, воспоставувањето пунктови на Месечината им овозможува на авантуристите и на истражувачите да го прошират истражувањето и населувањето на планети и месечини надвор од Земјата.

Foto 6

Конкретно, штитот од радијација треба да биде дебел неколку метри. Експертите тврдат дека ќе биде потребна некаква форма на лунарен булдожер кој ќе помогне во закопување на живеалиштата и тоа во материјал од Месечевиот реголит. Ова би било доволно да ја впие радијацијата. Во меѓувреме, на повеќе локации во светот, вклучувајќи ги постојаната инфраструктура со човечки екипаж на Антартикот и Меѓународната вселенска станица, продолжуваат мисиите на тестирање и решенија за останатите клучни фактори за живот на Месечината – вода, кислород и храна, како и адаптибилноста да се функционира во компактни и тесни услови, а притоа да се сочува и менталното здравје.

Што ќе правиме и што ќе научиме?

Додека Марс и понатаму е една од примарните цели на НАСА, фокусот мора најпрво да биде истражување на целата површина на Месечината и со човечки и со роботски ресурси.

Ова се некои од приоритетните задачи: да се открие и користи вода и други критични ресурси потребни за долгорочно истражување, да се истражат мистериите на Месечината и да се дознае повеќе за планетата Земја и за универзумот, да се научи како да се живее и функционира на површината на друго небесно тело, на оддалеченост од тридневно патување од Земјата, да се докаже ефикасноста на потребните технологии, пред да се испратат астронаути на мисии на Марс, на оддалеченост и до три години во обата правца.

Зошто токму на Месечината?

­Велат дека има речиси исто толку одговори на ова прашање колку што има кратери на Месечината. Месечината настанала од планетата Земја и содржи податоци за нејзините рани почетоци коишто поради овдешните динамични геолошки процеси, повеќе не постојат. Месечината на научниците ќе им обезбеди нови погледи како се формирал и еволуирал системот Земја – Месечина и Сончевиот Систем и улогата на ударите на астероидите.

Foto 7

Foto 7a

Воедно, несомнено е дека примероците донесени на Земјата од астронаутите на Аполо се од непроценливо богатство за да се разбере составот и потеклото на нашиот сосед. Сепак, податоците се ограничени и се работи за многу малку примероци. Исто така, интересна е и идејата дека поставувањето на живеалишта на Месечината, може да го прошири нашето знаење за области далеку од Сончевиот Систем и на друг начин – Месечината долго време се смета за одлично место за изградба на телескопи, за да се „ѕирне“ во далечниот космос.

Оптичките телескопи би имале беспрекорен поглед на центарот на нашиот Млечен Пат, а радиотелескопите би биле ослободени од сè поголемиот заднински шум на модерната цивилизација во заднина. Луѓето би можеле да бидат испратени да го градат и сервисираат овој пакет инструменти, исто како што тоа го прават со телескопите на планинските врвови на Земјата.

Foto 8

Со најновите мисии на НАСА, но и на приватните компании како Спејс екс, се случува повторно поместување на границите на вселенското истражување, како и на научните и технолошки достигнувања. Со тоа, САД, преку програмата Артемис, се пред отворени врати за поголеми истражувања на Месечината од кога било порано.

Автор: Јулија ВЕЛКОВСКА

(Специјално за Порта 3 од Вашингтон)

Испрати коментар

Scroll To Top