Традиционално, и оваа година, по 43. пат, се одржа Меѓународниот саем на мебел, опрема за домаќинства и јавни објекти, репроматеријали и машини за индустријата на мебел „Мебел 2017“, што траеше од 21 до 26 март.
На овогодишниот Саем на мебел, учествуваа повеќе од 400 домашни и странски изложувачи од земјава, Србија, Хрватска, Грција, Италија, Босна и Херцеговина, Словенија… , а изложбениот простор на Скопски саем опфаќаше 11 хали со мебел и опрема за домаќинства, како и една хала наменета за машини и репроматеријали за индустријата за производство на мебел.
Она во што сите се согласуваат е дека е намалена побарувачката за мебел во Македонија поради актуелната политичка состојба во државата, а проблеми на компаниите од дрвната индустрија им прави и нелојалната конкуренција. Самиот саем понуди дизајни за уредување на домот и на посетителите им овозможи да се запознаат со одредени трендови за модерните кујни и елегантни бањи, осветлување, подови и ѕидни декорации, материјали за тапацирање, канцелариски мебел, мебел за јавни објекти, како и новите технички и технолошки достигнувања на репроматеријали, машини и опрема за обработка на дрво.
Она што може генерално да се каже за годинешниот Саем на мебел во Скопје, е дека има скромен, но сепак квалитативен скок во споредба со претходните години. За жал, продолжува како и изминатите години, неинвентивниот пристап во начинот на изложување на експонатите од страна на изложувачите. Од друга страна, во однос на изложените производи, забележлива е тенденцијата на враќање на природните материјали и масивното дрво во проектирањето на мебелот и производството на домашните додатоци како осветлување и слично. Може да се рече дека одредени изложувачи, полека но сигурно фаќаат чекор со одредени светски трендови во дизајнирањето на мебелот. Ретки, срамежливи, но се случуваат одредени раздвижувања.
Исто така, она што е видливо, е дека одрдени технолошки светски достигнувања во производството на мебел полесно стигнуваат до нашите штандови, отколку естетските и дизајнерските достигнувања. Така, на саемот можеше да се најдат најнови достигнувања од областа на функционалните механизми за мебел, како и широк асортиман на плочести материјали и разни апликации и дезени, но во делот на машините за производство на мебел се чини дека е значително намален бројот на изложувачи.
НАГРАДИ
Традиционално, во Управната зграда на саемот, беа доделени признанија на најдобрите експонати изложени на саемот од страна на Комисија за оценување во состав: проф. д-р Ѓорѓи Груевски (Факултет за дизајн и технологија на мебел, претседател на Комисијата), проф. д-р Влатко Каранаков (Факултет за дизајн и технологија на мебел), проф. д-р Митко Хаџи Пуља (Архитектонски факултет, Скопје), Душица Диновска-Пановска, дипл.инж.арх. (Асоцијацијација на архитекти на Македонија), Таки Хаџи-Лега, дипл.економист (Кластер на дрвна индустрија на РМ), Милија Бјекич (Министерство за економија на РМ) и Рада Спасовска, дипл.инж.арх., координатор на комисија, претставник од Скопски саем.
„МОНОЗЕРО“: софа „ДРАМА КВИН“
Меѓу наградените е и производителот „МОНОЗЕРО“ од Скопје, кој доби Специјална диплома за оригинален дизајн на парче мебел „ДРАМА КВИН“. Како што вели Дарко Христов од „МОНОЗЕРО“ за „Порта3“, софата „ДРАМА КВИН“ ја презентира филозофијата и вредностите на фирмата, а тоа значи едноставни форми, изразена функционалност и особено внимание на материјалите.
„Трпезариските маси ни се главен фокус, додека правењето софа го разбравме како tour de force/non plus ultra концептуален производ под претпоставка, како кога ресурсите и нивната ограниченост не би нè тангирала. Бидејќи нашата специјалност е дрвото, императив беше дрвото да доминира и затоа страните и заднината се изработени од најубавото дрво кое можевме да го најдеме – 250 години стар брест со ширина од 60 см и должина од 4 метри“. Страните и задната страна се од цели парчиња масивно дрво, додека седењето е на анилинска кожа. Полнежот е изработен од потврдо јадро со гранули и пердуви во коморите под самата кожа. Целата софа се носи на четири ногари, машински изработени од масивна бронза со вкуна тежина од 7 килограми, истакнува Христов.
„УРБАН ОЛД“
„УРБАН ОЛД“ од Скопје доби Специјална награда за оживување и редизајн на користен мебел. Орхидеја Огњановска од „УРБАН ОЛД“ смета дека нивната работа не заслужува внимание само од естетски туку и од еколошки аспект. „Секако дека формите, линиите, материјалите и начинот на изработка нè мотивираа да редизајнираме стари парчиња мебел. Македонската јавност нема многу искуство со ваков вид мебел, но реакциите на посетителите на Саемот за мебел беа многу позитивни“, смета Огњановска. „Уште при изборот на парчињата се раѓа идејата за нешто поинакво. Тоа значи дека парче мебел кое долги години служело во спална соба или кујна, сега може да добие нов лик и нова функција, истовремено задржувајќи го стариот шарм“, констатира Огњановска.
„ЈУМИС ДИЗАЈН“
Во категоријата „Мебел за кујни“, добитник за најдобра кујна е производителот „ЈУМИС ДИЗАЈН“ од Скопје, кој на овогодишниот саем се претстави со најнова колекција на ексклузивни парчиња мебел, односно со концептот на комплетно уреден луксузен дом (luxury home), а наградената кујна остави позитивни импресии кај посетителите. „Конкретна идеја и мотивација за креирање на наградената кујна ни беше новиот современ начин на живеење на младите луѓе во комбинација со луксузот“, вели сопственичката и дизајнерката Јулија Арсовска Илиева.
„Главна дизајнерска карактеристика на овој модел беше спојот меѓу природните дрвени материјали и футуристичките елемементи од стакло, огледало, метал и природна кожа. Главен момент дава ексклузивниот бар за алкохол изработен од ореово дрво и бронзеното огледало, коешто дава непроценлив луксус на целата кујна“, вели Арсовска Илиева за „Порта 3“.
ПРИЗНАНИЈА
Статуетка и диплома во класа на производители
Категорија „Мебел за пpетсобје”
на „АКРОН“ – Скопје
за плакар „АЛТО“
Категорија „Мебел за дневен престој – мебел на парче“
на „ТЕХНОКООП ТЕХНО-МЕБЕЛ“ – Скопје
за маса „ФЛОРЕС“
Категорија „Мебел за дневен претстој – тапациран мебел“
на „ЗОНАТЕКС“ – Скопје
за софа „ВЕНИТИ“
Категорија „Мебел за трпезарии“
На „ИНТЕР ЕКСПОРТ “ – Струмица
за трпезарија „ЛОДА“
Категорија „Мебел за спални соби“
На „ИНТЕР ФАНТАЗИЈА“ – Тетово
за спална соба „ЛУИЗА“
Категорија „Мебел за јавни објекти“
на „СОФА СТУДИО“ – Скопје
за тросед „ВИКТОРИЈА“
Категорија „Мебел за детски соби“
на „КАРАТ М“ – Скопје
за детска соба „РАГАЦА“
Категорија „Мебел на парче“
на „ВАСЕ УРДИН – Ателје УРДИН“
за комплет огледало и лампа
Категорија: Мебел за кујни
на „ЈУМИС ДИЗАЈН“ – Скопје
Категорија Дополнителна опрема
на „МЕБЕЛ АЦЕВСКИ“ – Скопје
за безбедносна врата
Категорија Репроматеријали
на „РИВЕДИЛ“ – Гостивар
за материјал за изработка на када од декоративен бетон
Специјална диплома за производители
Признание и статуетки во класа на трговци
Категорија „Мебел за дневен престој-корпус“
на „РОЈАЛ ХАУС“ – Скопје
за програма „КАСПИАН“
Категорија „Мебел за дневен престој-тапациран мебел“
на „КАРЕС“ – Скопје
за мебел „ДЕНВЕР“
Категорија „Мебел за кујни“
На „КУЛТ ДИЗАЈН ГРУП“ – Скопје
за кујна „АЗИЈА ТЕЛАО“
Категорија „Мебел за трпезарија’“
на „ЈУГОЕКСПОРТ“ – Скопје
за маса „АЛИНА“
Категорија „Мебел на детска соба“
на „ДОМА МЕБЕЛ“ – Скопје
за детска соба „КИКИ ЏОЈ“
Категорија „Мебел за спални соби“
на „ТЕЛЕСЕТ МАКЕДОНИЈА“
за спална соба „ЕЛЕНА“
Категорија „Мебел на парче“
на „ШИПАД“ – Скопје
за кревет „БЕНФ“
Категорија „Јавни објекти“
на „КРИСТИНА ДАМИЛ“ – СКОПЈЕ
за гарнитура „У233“ на производител „НАТУЦИ“
Категорија „Дополнителна опрема’“
на „ТЕКСТИЛ“ АД – Скопје
за производот душек „ТРЕЗОР СФ“ од брендот „Дорелан“
Категорија за „Репроматеријали“
на „ФОКУС НИКОЛА“ – Скопје
за производот мебел штоф „РОСАНА“
Диплома за „ВАРДАР МЕБЕЛ – Скопје“
за огледало „МИСТИК“
Специјална диплома и статуетка за трговци
на „НОВОМАК“ – Скопје
за идејно решение на штанд
Специјална награда и статуетка за производители
на „УРБАН ОЛД“ – Скопје
за оживување и редизајн на користен мебел
Специјална диплома и статуетка за производители
на „МОНОЗЕРО“ – Скопје
за оригинален дизајн на парче мебел за „ДРАМА КВИН“
Диплома за трговци
на „ЈУГОЕКСПОРТ-СТИЛ“, Скопје
за маса „БИБИАНА“ од производител „МИОТО“