Денеска, претставници на Синдикатот на вработените во „Југохром Алзар“, ќе предадат писмо – ургенција до Второстепената комисија на Владата, како охрабрување и поттик комисијата да одговори позитивно на жалбата против, според нив неоправданото изскучување од работа на фабриката.
„Југохром“ ги изгаси печките на почетокот од ноември по одлука на Министерството за животна средина кое посочи дека компанијата ги пробила роковите за изградба на пречистителна станица за издувните гасови кои го загадуваат воздухот во регионот.
Од тогаш, неколкупати вработените во фабриката протестираа, со цел да се рестартира фабриката, а тие да се вратат на работа.
Беше најавено дека до крајот на декември Синдикатот на вработените во „Југохром“ ќе преговара со раководството на компанијата, со цел работниците да ги задржат работните места.
„Одлучив заедно во кореалција со менаџментот, вработените да останат сите без исклучок, без ниту едно отпуштање во работен однос во фабриката. Се разбира дека оваа мерка ја превземавме, повторно на еден месец“, рече Васил Скендеровски, генерален директор на Југохром, минатиот месец.
Тогаш, претседателот на синдикатот на работниците на „Југохром“, Бајрам Амити, побара од Министерството за животна средина и Државниот инспекторат да ја повлечат одлуката за затворање на комбинатот, во спротивно тие ќе продолжат со протестите.
Од компанијата најавуваат дека системот на отпрашување ќе биде завршен кон крајот на април, а досегашните одлагања се должат единствено на долгото чекање на дозволи и мислења од државните институции.
Според Скендеровски, одлуката на Државниот инспекторат за затворање е тенденциозна. Од фабриката покажаа податоци според кои загадувањето на Тетово и натаму е високо, без оглед што комбинатот не работи, што за нив е доказ дека не се главни загадувачи.