Во организација на Министерството за животна средина и просторно планирање и Регионалниот центар за животна средина, денеска во општина Охрид се одржа обука за еколошко означување на туристичките услуги.
Директорката на канцеларијата на Регионалниот центар за животна средина во Македонија, Катарина Георгиевска потенцира дека „еколошкото означување не е цел самата за себе, туку тоа ги мотивира давателите на туристичките услуги да ги подобрат нивните еколошки, социјални и економски перформанси, за да бидат поконкурентни на пазарот“.
Пред претставниците на туристичкo- угосителскиот еснаф од Охрид и организаторите на обуката се обрати и заменик-градоначалникот Ангел Јанев.
„Во концепирањето на новите стратегии за развој на туризмот, доминира компонентата за неговата одржливост, односно избалансираност на социо- економскиот развој и заштитата на човековата околина. Воведувањето на еколошки означени туристички услуги, во чија основа лежи одржливиот развој, ќе покаже дека носителите на еколошката ознака имаат повисок рејтинг, подобар имиџ и се поконкурентни на пазарот“, изјави заменик- градоначалникот Ангел Јанев.
Овој процес, како што беше речено на обуката, помага да се воочат потребните промени во начинот на работа, со кои се подобрува квалитетот на услугите и се влијае на зголемување на бројот на туристичките посети.