Насловна / Вести / Вовед во урбана морфологија (1 дел)

Вовед во урбана морфологија (1 дел)

1. Вовед

Морфологијата на урбаните простори се согледува низ изучување на формата и структурата на градот, положбата и функцијата на градот, особено на неговите изградени делови и отворените јавни простори како блокови, објекти, улици, плоштади, паркови и сл. Според тоа, урбаната морфологија овозможува согледување на многубројните аспекти и на суштината на изградените структури и јавните простори во градовите.

2. Морфолошки дискурс на истражувањето

Поимот „Морфологија“ потекнува од две грчки збора morphe – облик и logy – наука, по што може да се дефинира како наука за развојот на формите. Морфологијата е дел од многу други научни дисциплини како биологијата, лингвистиката и географијата и се користи како метод кој ги објаснува појавите и процесите за настанување на одредени форми.

Во урбанизмот, морфологијата на урбаните простори се состои од согледување и изучување на формата и струкурата на градот, особено на неговите изградени делови и отворените јавни простори како квартови, блокови, објекти, улици, плоштади, паркови и сл. Според тоа, урбаната морфологија овозможува да се согледаат многубројните аспекти и суштината на изградените структури и јавните простори во градот.

Иако мофролошките истражувања во урбанизмот се прифатени од архитектите и урбанистите, дефиницијата за урбаната морфологија, потекнува од географите и планерите. Според Милан Вреск, урбаната морфологија е гранка на урбаната географија која ја проучува морфолошката структура на градот со неговите тродимензионални обележја (Vresk 1986). Под морфолошка структура на град се подразбира просторниот распоред и меѓусебниот однос на елементите во градскиот простор како што се улиците, плоштадите, парцелите, јавните површини и сл. кои се одликуваат со свои специфичности – густина на изграденост, големина, форма, положба, изглед и сл.

3. Положба на град

Положбата на градот во однос на непосредното опкружување претставува една од најзначајните морфолошки карактеристики. На положбата на градот, најголеми влијанија имаат природните, географските и топографските карактеристики на околината, но исто така важни се и други карактеристики како што се историскиот развој, економијата, комуникациите и поврзаноста и др.

Од историски контекст, може да се заклучи дека положбата на градот и неговото формирање зависат од три услови/особини на локацијата:

  • Привилегираност – Изборот на локацијата за формирање на некој град, од историски аспект отсекогаш е поврзан со местото и со неговите природни карактеристики кои го прават да биде најповолно, односно привилегирано во однос на други места.
  • Протективност – Низ историјата, многу градови се подигнати со цел да бидат физички заштитени (најчесто од војни и од непријателски напади) (Djokic, 2004).
  • Конституција – Можностите за спојување и разделување на елементите се важни фактори за избор на локацијата за градот.

Според ова, може да се направи класификација на градовите според нивната местоположба во две категории:

  • Град во релација со топографијата на теренот – во зависност од тоа каде се лоцирани и поцизионирани, се појавуваат неколку групи како: град на гребен (сл. 1), град на врв на рид (сл. 2) и град во падина (сл. 3).

1

Сл. 1 – Град на гребен – Centuripe, Италија

2     

Сл. 2 – Град на врв на рид – Amadiyah, Ирак

3

Сл. 3 – Град во падина – Herrenberg, Германија

  • Град во релација со водни површини или текови – во зависност од нивната конфигурација и односот кон водената површина, се појавуваат неколку групи како: град покрај река (сл. 4), град во залив, град-полуостров, град-остров (сл. 5) и град опкружен со канали (сл. 6).

04

Сл. 4 – Град покрај река – Белград

DCIM100MEDIADJI_0390.JPG

Сл. 5 – Град-остров -Le Mont-Saint-Miche, Франција 

6

Сл. 6 – Град опкружен со канали – Амстердам, Холандија

4. Форма на град

Формата на градот произлегува од неколку елементи: поставеноста на градот на теренот, распоредот и вкрстувањето на градските улици – уличната мрежа, бројот и формата на урбаните блокови и слободните јавни површини.

Градските простори се условени од изградената форма, која го одредува нивниот карактер, различност и специфичност. Формата на градските простори е клучна морфолошка карактеристика на градот, бидејќи на најдобар начин се доловува неговата структурална разновидност. Во урбанизмот, одамна е усвоена теоријата дека има два начина на настанување на градовите: спонтано настанати градови, кои често се нарекуваат и органски, настанале без учество на урбанисти и планери, и плански настанати градови, кои се резултат на одредени активности на урбанистите и планерите.

За формата на градовите зборуваат многу урбанисти, меѓу кои и Кевин Линч (Kevin Lynch), Роберт Криер (Robert Krier), Спиро Костоф (Spiro Kostof) и Владан Џокиќ (Vladan Đokic).

Костоф прави класифиција на градовите според топографијата на теренот на кој тие настанале и се развивале во текот на времето и смета дека е важен услов во создавањето на градската форма. Според тоа се разликуваат 6 типови на градови: градови на река – најчесто со органска или ѕвездеста форма, крајбрежни градови– најчесто со радијална форма, одбранбени градови – опкружени со ѕидини и порти, линеарни градови, планински градови – најчесто со кружна форма, органска или ѕвездеста форма и терасести градови – на падините на планините, најчесто со ортогонална форма (Kostof, 1991).

Кевин Линч, во неговата последна книга „Теорија на добра градска форма“ (A theory of good city form), од 1981 година, смета дека „Формата што треба да ја добие градот е античко прашање. Под нормативна теорија се мисли на кохерентен сет на идеи за правилната форма на градот и нејзините причини, па затоа постојат голем број такви теории. Секоја група на теории се фокусира на некоја сеопфатна метафора за тоа што е град и како тој работи“. Според ова, тој дефинира три категории – модели на градови:

  • Космички модел – најчесто се нарекува свет град (анг. holy city). Овој вид на план на град претставувал интерпретација на универзумот и боговите и симболизирал моќ. Карактеристики на овој град биле главна градска аксијала, градски ѕидини и порти, доминантни објекти и хиерархиска просторна организација (сл. 4, шема 1).
  • Практичен град, т.н. град машина – функционален конструкт на меѓусебно поврзани делови. Пример за овој вид на град e планот на Ле Корбизје – „The Radiant city“ (сл. 4, шема 2).
  • Органски град – т.н. биолошки град – концепт дека градот е жив организам, а не машина. Овој вид на град има одредена граница, оптимална големина и кохезивна, неделива внатрешна структура која овозможува балансиран развој. Пример за овој вид на градови се градовите градини (сл. 7, шема 3), (Lynch, 1981).

7

Слика 7 – Шема 1 – космички модел, шема 2 – практичен град, шема 3 – органски град

Според Линч, елементот што ја формира целокупната градска форма претставува урбана матрица. Матрицата на урбаниот развој, поради растојанието на објектите, положбата на активностите и диспозициската линија на движење, многу влијае врз функцијата и формата на градот. Тој разликува неколку типови на матрици:

  • решеткаста форма – подвидови: квадратна, правоаголна, триаголна и шестаголна
  • ѕвездеста форма
  • прстенеста форма
  • сложени форми на матрици. (Lynch, 1961).

Од овие типови произлегуваат 9 форми на градови: ѕвездеста (А), линеарна (Б), ортогонална (В), мрежеста (Г и Д), барокна аксијална (Ѓ), чипка (Е), затворена (Ж), световна (З) и имагинативна форма (Ѕ), (сл. 8).

8

Слика 8 – Форми на градови според типови на урбани матрици по Линч

Сумирајќи ги класификациите на сите гореспоменати автори, просторната организација на градот, согледана врз база на сите овие карактеристики, може да се категоризира во една од следните 9 форми: Компактна форма – се забележува кај градовите кои имаат помала површина, поголема густина; Линеарна форма – погоднa за континуирано ширење и етапно растење и развој на градското ткиво, има рамноправен однос на сите територии, нема центар и периферија; Ортогонална форма – овој тип овозможува правилна парцелизација на земјиште, лесна ориентација во просторот и е погоден за ширење на градот во сите правци; Радијална форма – погодна за мали и средни градови по површина и нуди одлична поврзаност на центарот и периферијата на градот; Прстенеста форма – поволна за организација на транспортот и комуникациите и овозможува формирање на повеќе центри распоредени по прстенот; Аксијална форма – се состои од симболички важни и визуелно доминантни точки во градот. Погодна за монументални градови и градови престолнини; Кружна форма – погодна за градови со мала површина, ретко се појавува во градовите и има многу недостатоци како неовозможување на правилна парцелизација и ширење на градот, а дава чувство на губење на ориентација во просторот; Комбинирана форма – претставува спој на 2 или повеќе различни форми. Најчесто се комбинираат ортогоналната, радијалната и аксијалната форма.

Бидејќи формата на градот произлегува и од географската положба и од просторната конфигурација на теренот на кои се наоѓа градот, во РСМ, се појавува уште еден вид на урбана матрица во малите градови, најчесто во планинските и во ридско-планинските области: Органска форма – град кој се развива и проширува во зависност од теренот. Овие градови настанале со пробивање на улици и сокаци во зависност од  теренот, со што се добива мрежа од многу кривулести и негеометриски форми на урбаните блокови. Голем број од градовите во РСМ до денес ја задржале првичната форма, но има и случаи каде одреден град настанал спонано, а во новото време започнува постепено да се развива плански со што се добиваат две варијанти: соединување на две различни форми и зачувување на органската матрица во старото градско јадро со појава на нова планска организација на просторот во новите делови од градот.

Автор: м-р Дамјан БАЛКОСКИ, дипл. инж. арх.

Крај на 1 дел

Во следниот број на списанието следува анализа на урбаната морфологија на пограничните градови во источниот регион на РСМ.

5. Библиографија

Kostof S. (1991), “The city shaped: urban patterns and meanings through history”, Bulfinch press, New York, pp. 35-39

Lynch K. (1961), “The pattern of the metropolis” во: Banerjee T, Southworth M. (1990) “City Sense and City Design: Writings and projects of Kevin Lynch”, MIT Press, London

Lynch K. (1981), “A theory of good city form”, MIT Press, USA, pp. 373-386

Vresk M. (1986), “Osnove urbane geografije” Školjska knjiga, Zagreb 23.

Đokić V. (2004), “Urbana morfologija: grad i gradski trg”, Arhitektonski fakultet Univerziteta u Beogradu, Beograd, pp. 11-64

Испрати коментар

Scroll To Top