Вчера 7.6.2022 год. со почеток во 12 часот во амфитеатарот на Градежен факултет – Скопје при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ се одржа Изборно собрание на Друштвото на Градежни конструктори на Македонија – ДГКМ.
На истото присуствуваа 79 претставници од 18 институции, кои едногласно го избраа новиот претседател на ДГКМ – Вонр. проф. д-р Дарко Наков, како и останатите органи на друштвото: Извршен одбор, Надзорен одбор и Суд на честа. Со Изборното собрание претседаваше проф. д-р. Тихомир Николовски, а во работното претседателство беше и досегашната претседателка на ДГКМ проф. д-р. Мери Цветковска.
Новиот претседател се заблагодари за дадената поддршка и укажаната доверба и истакна дека честа, но особено одговорноста е навистина голема да се раководи со најбројното и друштвото со најдолга традиција од областа на градежништвото.
Вети дека заедно со останатите претставници во органите на ДГКМ, ќе сторат се за да ја зачуваат традицијата со која располага друштвото кое е основано во 1976 година, но и дека ќе бидат воведени одредени новини, поттикнати од новите глобални трендови.
Освен редовните симпозиуми, ќе бидат организирани стручни предавања со предавачи од земјата и странство, стручни екскурзии, тркалезни маси, работилници/обуки за млади со поттикнување на поголема соработка помеѓу институциите, компаниите, но и меѓу друштвата и асоцијациите од сродните области на градежното конструкторство.