Шведскиот производител на автомобили Volvo cars, објави дека нивниот асортиман на возила до 2030 година ќе биде исклучиво на електричен погон и без материјали од животинско потекло. Овие материјали, првенствено кожата, ќе бидат супституирани со биоразградливи и рециклирани материјали, со цел да се одговори на барањата на купувачите. Од компанијата соопштуваат дека ваквиот потег е одговор на загриженоста на голем број потенцијални купувачи за заштита на животната средина и движењата за заштита на животните. Моделот C40 Recharge е првиот целосно електричен модел во чиј ентериер нема да биде користена кожа. Покрај тоа, активно се работи и на пронаоѓање на висококвалитетни и одржливи извори за многу материјали кои се користат во автомобилската индустрија. До 2025 година, имаат намера 25% од материјалите во нивните автомобили да бидат рециклирани и биоразградливи. Како дел од своите климатски акциски планови, исто така тие имаат за цел сите нивни непосредни добавувачи во целост да користат енергија од обновливи извори.
Volvo cars исто така има за цел да користи рециклиран полиестер, за да го намали јаглеродниот отпечаток, како и платно од лен кој се одгледува во Шведска.