Стадионот во Волгоград е проектиран за Светското фудбалско првенство во 2018 година. За времетраење на Мундијалот ќе го носи името „Волгоградска арена“. Сместен е на живописниот брег на реката Волга во близина на брдото Мамајев Курган. Мамајев Курган е свето место за Русија, но и за светот, бидејќи таму се наоѓа меморијалниот комплекс изграден во чест на Битката за Сталинград.
По завршувањето на Светското првенство стадионот ќе го носи името „Победа“ во знак на сеќавање на херојската битка. Арената го заменила Централниот стадион на фудбалскиот клуб Ротор – Волгоград, кој бил изграден во 1962 година, на кој Фидел Кастро одржал говор во 1963 година пред 60.000 луѓе. Стариот стадион е срушен во 2014 година за на негово место да се изгради „Волгоградската арена“ со капацитет од 45.568 гледачи. За време на Мундијалот на овој стадион ќе се одиграат четири натпревари од групната фаза, а по првенството стадионот ќе биде дом на ФК Ротор.
При отпочнување на изградбата во ноември 2014 година биле откриени остатоци од човечки коски и 20 неексплодирани гранати. Но тоа не е изненадување во Волгоград. Речиси секоја изградба на нов објект во градот носи откривање на муниција и човечки коски од Втората светска војна. „Секој милиметар од оваа земја е натопен со крв“, изјави гувернерот на Волгоград, Андреј Бочаров во едно интервју.
Проектот за стадионот е изработен од германското биро GMP Architekten, првичниот проект е менуван неколку пати, но задржана е главната естетска карактеристика, фасада која изгледа како да е плетена. Челични греди на фасадата се преплетуваат и пресекуваат и создаваат модел на ромбоидни форми од различни големини. Формата на стадионот е превртен, пресечен конус со висина од 49.5 метри и со дијаметар од 303 метри. Стадионот со својата големина, изграден на 20.22 хектари со вкупна површина од 123.000 м2 и интересна фасада се истакнува во пејзажот, но не повеќе од колосалната статуа на „Мајката татковина“, на скулпторот Јевгениј Вучетиќ, која се гледа одзади.
Процесот на градење се одвивал по фази. Првата, клучната фаза се трибините поставени на две нивоа, достапни од огромното шеталиште околу стадионот. Во фазите 2 и 3 направен е голем челичен прстен преку трибините, внатре исполнет со затеги. Кровните плочи се состојат од мембрана, додека потесниот внатрешен прстен е покриен со стакло со што е обезбедена сончева светлина.
Фазите 4-6 во изградбата се однесуваат на најпрепознатливиот дел од стадионот, фасадата. Големата „плетена“ фасада го опкружува стадионот, но е одвоена од објектот, оставајќи простор за дополнителни објекти зад трибините.
Објектот е препознатлив по својата фасада и кога ќе биде целосно осветлен и исполнет со бучни навивачи ќе започне нова ера во животот на Волгоград и рускиот фудбал.
По завршување на Светското првенство стадионот ќе биде отворен за јавноста, за локалните жители и за туристите. Освен за фудбал, објектот ќе се користи и за други спортови, но и за одржување на големи концерти.
Стадионот чини 270 милиони евра, точно онолку колку изнесувал буџетот доделен од Руската Федерација.
„ВОЛГОГРАДСКА АРЕНА“ ПРЕКУ БРОЈКИ
• Изграден на 20.22 хектари
• Вкупна површина 123.000 м2
• Формата на стадионот е превртен,
пресечен конус со висина од 49.5 м
• Цена 270 милиони евра