Јавното претпријатие „Водовод и канализација“ ќе набави пет агрегати за отпадна вода и 50 скутери. Советот на Скопје ги усвои измените на инвестициската програма на претпријатието, во која е наведено дека за купување на пумпите се предвидени осум милиони денари, а за скутерите, кои ќе бидат со зафатнина на моторот до 50 кубици, ќе се одделат пет милиони денари.
– Потребата од подвижни агрегатни пумпи е со цел да се овозможи брзо и ефикасно делување при појава на поројни дождови и појава на поплави. Овие пумпи се лесно преносни и имаат голем капацитет за црпење, пред се` на атмосферската вода – се вели во образложението на одлуката.
Од „Водовод“ наведуваат дека 50-те скутери им се потребни за вработените во наплатната служба, односно за контролорите и инкасаторите побрзо и поекономично да ги извршат своите работни задачи на територијата на Град Скопје.
– Овие возила не е потребно да се регистрираат секоја година и за нив не се плаќа паркинг-услуга. Скутерите се многу економични и со нив ќе се заштеди на потрошувачката на гориво – се наведува во образложението.