Јавното претпријатие „Водовод и канализација“ – Скопје е добитник на втората (сребрена) награда на Sustainability Awards 2020, за проектот „Пречистителна станица за отпадни води – Скопје. Изборот е во организација на Европската Банка за Обнова и Развој, која повеќе од 10 години ги доделува наградите за одржливост и ги признава достигнувањата во пет специфични категории: одржлива енергија, климатска обнова и одржливост, еколошки и социјални практики, еколошка и социјална иновација и родова и економска вклученост.
Проектот за пречистителната станица за отпадни води – Скопје ја освои втората награда во категоријата климатска обнова и одржливост, во конкуренција со 47 номинации, од кои вкупно 16 компании од 11 земји од светот беа избрани за добитници на овогодинешните награди.
“Јас сум навистина горд и среќен што по 15 години, од кога постои самата идеја, токму сега, во овој период, ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје ја почна реализацијата на овој капитален, еколошки проект, чија вредност и значење се потврдени со освојување на втората награда на Sustainability Awards 2020, доделена од страна на ЕБОР. Испишуваме нови страници во историјата на Град Скопје и оваа награда е само уште една потврда за нашите заложби, посветеност, професионалност и поставување на нови стандарди не само во работните процеси туку и во општеството и во заштитата на животната средина“, вели Душко Весковски, генерален директор на ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје.
Пречистителната станица за отпадни води – Скопје ќе биде со капацитет од еквивалент на 500 илјади жители и е еколошки капитален проект, чија вредност е процената на околу 136 милиони евра, кој ќе овозможи третман на урбаните отпадни води согласно ЕУ стандардите, а ќе делува и на намалување на загадувањето на реката Вардар, подобрување на условите во животната средина, а воедно и подобрување на квалитетот на живот на граѓаните на град Скопје. Со изградбата на пречистителната станица нашата држава ќе има над 90 отсто прочистени води што е еден од критериумите кои треба да се исполнат при отворање на преговорите со ЕУ. Проектот како таков е препознаен тука, но и во Европа, а доказ за тоа е неговото вклучување во Акциониот план за Зелен Град од страна на Град Скопје и поддршката добиена од Владата, Министерството за животна средина и просторно планирање, Министерството за финансии, Град Скопје, ЕБОР, EIB European Investment Bank и ЕУ Делегацијата.