На 30 јануари 2020 година, во Љубљана, Словенија, се одржа Меѓународна конференција на тема „Иднината на Словенија во светло на климатските промени – акумулирањето на водата во процесот на прилагодување кон климатските промени – можност или потреба“. Конференцијата, под покровителство на Претседателот на собранието Alojz Kovšca (President of the National Council) што се одржа во сала на Парламентот на Словенија во Љубљана, беше организирана од: Националото собрание на Република Словенија, Словенечкиот комитет за големи брани SLCOLD, Сојузoт на здруженија на градежни инженери и техничари на Словенија и Градежниот и геодетскиот факултет на Универзитет во Љубљана.
Работно претседателство на конференцијата
Поканети предавања на конференцијата беа одржани од страна на Gerald Zenz претседател на ATCOLD и потпретседател на ICOLD, Giovanni Ruggeri претседател на ITCOLD и поранешен потпретседател на ICOLD, Ljupcho Petkovski претседател на MACOLD и Lučka Kajfež Bogataj член на меѓувладин панел за климатски промени на Обединетите нации. На конференцијата, од претставникот од Здружението за брани ЗМКГБ, со говорна презентација беше образложен рефератот „Multipurpose reservoirs in N. Macedonia, existing, under construction and planned“, каде беше истакнато дека со изградени 150 големи брани (според критериумот на ICOLD), пропорционално на големината, Македонија е во самиот врв на Европа во „Индустријата за брани“. Меѓутоа, за жал, во моментот со изградените хидроцентрали се искористени само 30% од технички искористливиот воден енергетски потенцијал, со што многу заостануваме од земјите од Западна Европа.
Рефератите и дискусиите на оваа манифестација ја потенцираа важноста на водните акумулации за животната средина и општеството, особено во светло на климатските промени и потребата да се обезбедат доволни количини на вода за човечките потреби, но и да се одржат соодветни услови за опстанок на животните заедници (биоценези) во нивните живеалишта (биотопи) во XXI век. Од презентациите и дискусиите на учесниците на конференција може да се издвојат констатациите за значајноста на акумулациите за водостопанството и животната средина. Од водостопански аспект, единствените објекти кои обезбедуваат временска и просторна прераспределба на водните ресурси се акумулациите, кои се создаваат со градба на брани. Акумулирањето на водата сè повеќе се докажува како неопходна и клучна активна мерка за ублажување на просторната и временската хидролошка нерамномерност, за надминување на асинхроноста меѓу расположливите води и потребите за вода и за ефикасно намалување на штетите предизвикани од екстремните хидролошки појави (суши и поплави). Од еколошки аспект, правилното планирање и оперирање со водните акумулации обезбедува поволни услови за живот, овозможува зачувување на загрозените животински видови и унапредување биолошката разновидност во иднината. Постои загриженост и верување на одделни поединци и еколошки здруженија, базирано на нивното убедување дека природата е неприкосновена, дека изградбата на големи брани и создавање на акумулации во речните долини се штетни за животинските и растителните видови. Меѓутоа, од ефектот од климатските промени се потврдува спротивното – дека токму акумулациите претставуваат предуслов и активна мерка за зачувување на овие видови.
Пренарна сесиjа на конференцијата
По однос на потребата за брзо преструктурирање на енергетскиот сектор во идниот период, пред сè за задоволување на зголемената потрошувачка на електричните возила и истиснувањето на термоцентралите на фосилни горива (кои се еколошки неприфатливи), на Конференцијата беа посочени следните факти. Слично како и ветерните централи и фотоволтаиците, малите проточни хидроцентрали се примарни, обновливи и еколошко беспрекорни извори на електрична енергија. Големите акумулациони хидроцентрали ги имаат истите особини, но и една дополнителна вредност, која е исклучително значајна во електроенергетиката. Имено, тие се конвенционални извори на енергија, односно може да ја складираат енергијата и да ја произведат во пиковите на побарувачка на струја. Најрационалниот пристап за примарните, обновливи и еколошки електични централи да се трансформираат во конвенционални е преку градба на реверзибилни хидроцентрали, каде всушност горниот базен е најефикасна „батерија“ за електричната енергија.
Поттикнат од мудрите и вредни Словенци, кои денес размислуваат за утре, односно сега се припремаат за влошената состојба со водните ресурси што ја очекуваат после 50 години, авторот на овој извештај го излага сопственото гледиште за хидроенергетиката, која во моментот во РС Македонија е во незавидна состојба. АД Електрани на Северна Македонија (ЕСМ) е клучниот енергетски столб, кој обезбедува околу 90% од вкупното домашно производство на електрична енергија (ЕЕ) и е најрелевантната компанија за инвестирање и градба на нови големи хидроцентрали. ЕСМ произведува околу 6,300 GWh/y, но учеството на термоцентралите на фосилни горива (кои не го задоволуваат одржливиот концепт и се со најштетни еколошки влијанија), во годишното производство на ЕЕ е околу 80%. Потребата, во следната деценија, како прво да се дуплира производството на ЕЕ, и второ да се намали процентот на користење на фосилните горива, во услови кога се искористени само 30% од технички искористливиот хидропотенцијал, (проценет на околу 5,500 GWh/y), посочува дека се наоѓаме во оперативен период. Период, во кој целиот расположлив инженерски капацитет треба активно да биде вклучен во планирање и градба на нови хидроенергетски капацитети. Период, во кој нема време за комотни долготрајни стратегиски истражувања, кои би биле јалови, зашто однапред се познати заклучните одредби – итна градба на нови хидроцентрали. Период, во кој веднаш треба да се активира градбата на најповолните хидрокандидати – водостопанските системи со брани и акумулации Луково Поле и Бошков Мост, за кои истрагите и проектите во најголем обем се направени. Овие два хидросистеми, за жал, привремено беа стопирани по иницијатива на еколошки и невладини здруженија, со што во услови кога 80% од енергијата се произведува од фосилни горива, само се зголемува аерозагадувањето и деградацијата на животната средина. Период, кога треба што поскоро да се комплетираат истрагите и проектите за Чебрен и Галиште (Црна Река), како и за Велес и Градец со дополнителни 10 речни хидроцентрали (Вардар) и да се започне со нивна градба.
презентација на проф. Љ. Петковски
Не е тешко да се претпостави дека отпорот кон наведениот период со интензивна градба на хидроцентрали ќе биде главно од финансиски експерти, со образложение дека станува збор за превисока инвестиција од една милијарда евра за сиромашна Македонија и дека се неопходни кредити и/или концесионери. Тоа беше клучниот аргумент во последните 2-3 децении и резултираше со неподнослива пасивност во градбата на стратегиските инфраструктурни и развојни системи. Ако сакаме да ја прекинеме стагнацијата, тогаш мора да се потпреме на сопственото инженерско знаење и сопствените финансиски можности, базирани на јавно и приватно партнерство. Тука истакнуваме дека инвестициониот фонд на АД ЕСМ не треба да биде обезбеден во една година, туку за соодветна динамика на градба во период од една деценија, така што би биле потребни околу 100 милиони евра годишно. Само доколку се потпреме на сопствените сили може да започнеме период на градба на големи хидроенергетски објекти, со активно учество на реалното мултидисциплинарно инженерство, односно со домашни експерти од градежна, машинска, електро и геолошка струка. Токму таквиот период ќе обезбеди развој и просперитет на општеството, со потстрек на бројни други стопански активности, и суштински ќе придонесе за смалување на одлевањето на младите и интелигенцијата надвор од државата, што претставува најсериозен проблем, не само во Македонија, туку и во поширокиот регион на Југоисточна Европа.
Проф. д-р Љупчо Петковски, Градежен факултет во Скопје