Додека повеќето градови домаќини на Олимписките игри последниве години развиваа големи нови олимписки комплекси на своите рабови, Париз зазеде сосема поинаков пристап, и скоро сите 35 локации, се или веќе постоечки објекти, или привремени објекти подигнати на некои од најпознатите знаменитости на „градот на светлината“. Ви ги претставуваме 15-те најзначајни меѓу нив.
15. Стадион кај Ајфеловата кула
Познатата Ајфелова кула, отворена во 1889 година како експонат за Светската изложба, ќе обезбеди атрактивна позадина за натпреварите во одбојка на песок и фудбал за слепи, благодарение на отворената арена изградена во нејзина непосредна близина.
Еден од неколкуте привремени објекти испорачани од архитекти кои работат за Организацискиот комитет на Игрите во Париз 2024 година, стадионот кај Ајфелова кула ќе доминира на патеките и тревниците на јавната градина Марсови полиња (Champ de Mars).
Настани: одбојка на песок, фудбал за слепи
14. Големата палата на Елисиските полиња
Првобитно изградена за Exposition Universelle 1900 година во Париз, Grand Palais е повторно отворена по целосната реставрација по проект на француското биро Chatillon Architectes.
Изграден од 6.000 тони челик, со раскошен стаклен кров и скали во стилот на сецесијата, изложбениот простор на Елисејските полиња ќе биде домаќин на натпревари во мечување и теквондо во својот реновиран атриум.
Настани: мечување, теквондо
13. Центар за спортови на вода
Еден од само двата новоизградени постојани спортски објекти на претстојните Олимписки и Параолимписки игри е овој базенски комплекс, по проектот на холандското биро VenhoevenCS и француската пракса Ateliers 2/3/4.
Центарот за водени спортови, кој е домаќин на натпревари во уметничко пливање, скокови во вода и ватерполо, е изграден главно од дрво – вклучувајќи кров долг 80 метри покриен со фотоволтаични панели, како и 5.000 седишта.
Настани: уметничко пливање, скокови во вода, ватерполо
12. Плоштадот Конкорд
Првично користен како место за егзекуција за време на Француската револуција, Плас де ла Конкорд е привремено трансформиран во спортски комплекс за баскет 3×3, возење BMX во слободен стил, како и натпревари во брејкденс и скејтбординг.
Во урбаниот парк поставени се трибини за седење налик на скелиња за да се формираат четири стадиони лоцирани во непосредна близина еден до друг, а заедничката локација е одредена со цел да овозможи поефикасно користење на ресурсите, поставување и демонтажа.
Настани: баскет 3×3, BMX, брејкденс, скејтбординг
11. Champ de Mars Arena
Проектирана од францускиот архитект Жан-Мишел Вилмот, оваа привремена изложбена сала беше отворена во 2021 година за да биде домаќин на настани за време на реновирањето на Големата палата на Елисејските полиња.
Исто така познат како Grand Palais Ephemere, објектот има дрвена, модуларна структура и е обвиткан во пластика. По одржувањето на настаните во џудо и борење за време на игрите во 2024 година, се очекува да биде демонтиран.
Настани: џудо, борење
10. Адидас Арена
Отворена оваа година во северен Париз, Адидас Арената е една од двата новоизградени постојани објекти во градот што ќе се користат како олимписки борилишта. Во овој монолитен објект проектиран од француските бироа SCAU и NP2F Architectes ќе се одржуваат натпревари во бадминтон и ритмичка гимнастика.
8.000 пластични седишта и алуминиумската обвивка можат да се рециклираат, додека бетонот во структурата на арената наводно е мешан на лице место во обид да се намалат емисиите. Поголемиот дел од градежниот отпад произведен за време на изведувањето на проектот исто така бил рециклиран, пишува Dezeen.
Настани: бадминтон, ритмичка гимнастика
9. Stad de France
Стадионот проектиран од архитектите Мишел Макари, Аимерик Зублена, Клод Константини и Мишел Регембал за потребите на Светското првенство во фудбал во 1998 година, а со своите 80.000 седишта се смета за најголемиот стадион во земјата.
Со карактеристичен кров носен од 18 челични јарболи, Stad de France во Сен Дени ќе служи како главен олимписки стадион за време на Игрите во Париз и ќе биде домаќин на атлетски настани, како и натпревари во рагби.
Настани: атлетика, рагби
8. La Défense Arena
Лоциран во урбаната општина Нантер, овој затворен стадион од алуминиум и стакло е проектиран од архитектот Кристијан де Порткампарк, а објектот е официјално отворен во 2017 година.
Домот на рагби клубот Racing 92, La Défense Arena е повеќенаменски објект опремен со привремен базен за Олимпијадата во 2024 година и ќе служи како главна локација за турнирите во пливање и ватерполо.
Настани: пливање, ватерполо
7. Базен Жорж Валере
Бирото AIA Life Designers го реновирале овој париски базен, именуван по покојниот француски рекордер во пливање, со додавање на кров кој се повлекува и редизајнирање на соблекувалните и рецепцијата.
Со унапреден систем за прочистување на водата и воздухот, Жорж Валере е еден од 25-те базени кои се надградени за потребите ОИ, за време на кои ќе се користат само за тренинг на пливачите.
Настани: не се закажани
6. Стадион Ив ди Маноар
Стадионот Ив де Маноар бил главната локација на Олимпијадата одржана во Париз пред 100 години. Проектиран е од архитектот Луј Фор-Дижарик и првично имал капацитет од 45.000 места.
По реновирањето и преуредувањето предводено од Celnikier Grabli Architectes и OLGGA Architectes, неговиот капацитет е намален за две третини, односно на 15.000 гледачи.
Настани: хокеј на трева
5. Олимписко село
Планирано од архитектот Доминик Перо со поединечни локации проектирани од повеќе бироа, Олимпиското село ќе биде домаќин на спортисти од сите меридијани за време на Олимписките и Параолимписките игри.
Меѓу бројните резиденции со пастелни бои се и станбени блокови со решеткасти дрвени и бетонски конструкции обложени со рефлектирачки теракота плочки дизајнирани од Brenac & Gonzalez & Associes.
Сместено северно од центарот на Париз, недалеку од новата метро станица проектирана од Кенго Кума, селото е проектирано со цел да се трансформира во нов париски кварт по Игрите со околу 2.400 станбени единици и 119.000 квадратни метри дополнителни објекти и канцеларии, вклучувајќи и деловна зграда од масивно дрво на архитектонското студио Dream.
4. Le Bourget, спортско качување
Според Организациониот комитет на Париз 2024 година, центарот за спортско качување Le Bourget е единствениот спортски објект изграден специјално за Олимпијадата кој заедно со Центарот за водени спортови ќе остане на своето место по Игрите.
Развиен од производителот на ѕидови за качување EP Climbing со проект на VOO Architects и модуларен градежен систем создаден од ES Global, објектот располага со четири надворешни ѕидови за качување и еден внатрешен ѕид за загревање за натпреварувачите.
Настани: спортско качување
3. Версајскиот дворец
Зданието во кое се наоѓал дворот на кралот Луј XIV во 1632 година и прва локација во Франција на која и беше доделен статус на светско наследство на УНЕСКО во 1979 година, оваа историска знаменитост и национален музеј, на ОИ ќе биде домаќин на коњички спортови и модерни натпревари во петобој.
Привремена отворена арена опкружена со неколку трибини е поставена на патеката Етоал Ројал западно од Гранд канал, покрај која ќе поминува делницата за крос-кантри, а на локацијата е сместен и терен за препонско јавање и дресирање на коњи.
Настани: коњички спорт, модерен петобој
2. Paris-Bercy
Денес позната како Accor Arena (некогаш Palais Omnisports de Paris-Bercy), оваа препознатлива пирамидална структура во југоисточниот дел на Париз е проектантски потфат потпишан од француските архитекти Мишел Андро и Пјер Пара во соработка со Жан Пруве и Аидин Гувен.
Завршена пред четири децении и реновирана во 2015 година, арената Paris-Bercy сè уште е често користено место за спортски настани и концерти во затворен простор, а на ОИ и ќе биде домаќин на натпревари во кошарка, олимписка трамболина и уметничка гимнастика.
Настани: кошарка, тромболина, гимнастика
1. Мост Александар III
Еден од најпознатите париски споменици, мостот Александар III што се протега преку Сена, ќе биде место на целната линија на велосипедски трки со индивидуално време, пливачки маратон, триатлон и паратриатлон.
Како и Големата палата, мостот исто така првично е отворен за Exposition Universelle 1900 година, широк е 45 метри, долг 107 метри и опкружен со четири големи столбови кои поддржуваат златно – бронзени статуи. Привремените трибини, поставени во близина на мостот, ќе бидат демонтирани по завршувањето на игрите.
Настани: велосипедизам, пливање, триатлон, паратриатлон
* Сите објекти чии автори не се споменати во текстот се дело на архитектонскиот тим на Организацискиот комитет на Олимписките игри во Париз 2024 година