Дека убавината е во окото на набљудувачот докажува листата на најконтроверзни згради во Европа, направена од тимот од порталот Euronews. Имено, тие на своите социјални профили ги прашаа своите следбеници – кои европски градби претставуваат потсмев за нив, односно, кои се грдо архитектонско решение?
Следи листата на „најгрдите и најконтроверзните“ градби во Европа според читателите на Euronews:
Боско Вертикале (Милано, Италија)
Неколку номинации дојдоа на сметка на познатата миланска зграда Боско Вертикале (на италијански јазик значи вертикална шума). Коментарите главно беа дека зградата е многу фотогенична од далечина, но дека за живот е мрачна и многу влажна. Иако самата зграда е зачудувачки пример за биофилна архитектура, Боско Вертикале сепак е тема на разни дискусии.
Musée des Confluences (Лион, Франција)
Овој футуристички научен музеј е изграден во стилот на деконструктивизам и треба да личи на лебдечки облак. Сепак, иако оваа зграда прилично им е драга на многумина, не е по сечиј вкус – особено во град кој е историски многу убав.
British Airways i360 Tower (Брајтон, Велика Британија)
Овој крајбрежен објект за набудување започна големи контроверзи од самиот почеток. Првично замислен како дел од проект за регенерација, покрај остатоците од западното пристаниште во Брајтон, i360 е кула висока 162 метри, со поглед на Брајтон и Ла Манш. Иако некои жители се прилично наклонети кон објектот, пет години по неговото завршување, скоро 1.500 луѓе предводеа кампања против него. Еден локален активист ја нарече кулата „страшна точка на небото“.
Casa da Música (Порто, Португалија)
Откако Порто ја доби честа да биде Европска престолнина на културата во 2001 година, Casa da Musica беше изградена како прва зграда во историјата на Португалија, која е исклучиво посветена на музиката. Но, многу локални жители ја мразат оваа зграда, судејќи според коментарите на читателите на Euronews.
Hotel W (Единбург, Велика Британија)
Ова е малку дрско, бидејќи хотелот W не е официјално завршен во оваа фаза – но дефинитивно е зграда чиј проект нервира многу жители на Единбург веќе сега. Лоцирана во градската четврт St James, оваа нова зграда треба да изгледа како да е завиткана со ленти. Локалните жители имаат некои други асоцијации, сугерирајќи дека изгледа како „начната кора од орев“ или „кафеава тоалетна хартија“.
Хотел Билтмор (Тбилиси, Грузија)
Со висина од скоро 140 метри, хотелот „Билтмор“ беше највисоката зграда во грузиската престолнина, сè додека минатата година нејзината круна не ја презеде „Аксис Тауерс“. Изградена на местото на зградата IMELI од 1930-тите, стаклената кула е првиот „Билтмор“ вон САД. Читателите на Euronews ја опишаа дека „не личи на ништо“ и „премногу штрчи за таа област“.
Даблинска кула (Даблин, Ирска)
Завршено во 2003 година, The Spire of Dublin беше избран од голем број предлози како дел од проект за регенерација на градот. Додека некои жители се прилично наклонети на споменикот висок 120 метри, други сметаат дека тоа е потсмев за градот. Некои од ласкавите прекари што му се дадени се „потпетици во гето“.
Woki-toki (Лондон, Велика Британија)
На улицата 20 Fenchurch Street, се наоѓа зградата Woki-toki, еден од најконтроверзните објекти во Лондон. Иако беше завршен во 2014 година, сепак е предмет на многу дискусии и потсмевања. Зградата во 2015 година доби Carbuncle Cup, награда која се доделува за најгрдата зграда завршена во последните 12 месеци во Велика Британија.
Kunsthaus Graz (Грац, Австрија)
Кога имате убав град како Грац, каде што секоја куќа или зграда е историски споменик, модерните и мошне неконвенционални градби ќе ги нервираат сите староседелци, но и оние кои не го сакаат тој контраст. Локалните жители истовремено ја нарекуваат оваа зграда „пријателски вонземјанин“ и „црн тумор“. Објектот е изграден за да ја прослави улогата на градот како европска престолнина на културата во 2003 година и сè уште служи како Музеј на современа уметност во Грац.
La Piramide (Аликанте, Шпанија)
Официјално наречена „ Edificio Montreal “, оваа зграда е несомнено многу неинтересна. Иако некој би рекол дека La Piramide е „карактеристична“ или „уникатно шармантна“, изгледа како некој со тап нож да исекол парче бруталистичка архитектура. Како град познат по својот средновековен замок и прекрасно обоени куќи, La Piramide речиси се чувствува како навреда за Аликанте и целата негова убавина.
Кулата Монпарнас (Париз, Франција)
210-метарската кула во Париз долго ги иритираше Парижаните, кои сметаат дека е „масивен, кафеав правоаголник“. Сепак, неколкумина признаа дека кулата, и покрај очигледниот недостаток на естетска привлечност, го нуди можеби најубавиот поглед на целиот Париз.