Водата во водоводниот систем на Град Скопје е санитарно исправна за пиење, информираат од Центарот за санитарна контрола на ЈП Водовод и канализација – Скопје.
„Стручни тимови на Центарот беа вонредно ангажирани на ден 07.08.2016 (недела). Тимовите излегоа на терен за да извршат теренски мерења и да земат примероци на вода од мерните места, кои ги опфаќаат кризните подрачја, со акцент на зафатените од природната стихија. Резултатите од сите теренски мерења од аспект на механичко загадување (маснотија) и концентрација на резидуалниот хлор во системот беа во рамките на максимално дозволените концентрации, а лабораториските испитувања покажаа физичко-хемиска и микробиолошка исправност“, се вели во соопштението.
Понатаму се додава дека тимови на Центарот и во понеделник(08.08.2016) ги посетиле кризните подрачја и земале примероци од вода за пиење. Првичните резултатите од сите мерења укажуваат на санитарно исправна вода за пиење.