Квалитетот на водата на Охридското Езеро е на задоволително ниво. За Преспанското се преземаат мерки за подобрување на водата која треба ги постигне резултатите кои се очекуваат.
Ова денеска беше истакнато на претставувањето на клучните наоди на Иницијалниот извештај за карактеризација на Преспанското, Охридското и Скадарското Езеро, подготвен во согласност со Рамковната директива за води на ЕУ.
Заменик-министерот за животна средина и просторно планирање Стево Темелковски ја нагласи важноста на Извештајот за категоризација на езерата кој, како што рече, е клучна делница во остварувањето на Рамковната директива за води и клучна насока за управувањето и заштитата на води во Дримскиот басен.
– Нашата цел е да ги заштитиме водите во регионит и со нив да управуваме следејќи ја европската легислатива. Затоа во согласност со тоа нашите заштитени појаси се третираат како појаси за користење на вода за пиење, за заштита на разновидноста на живиот свет, користење на економските вредности, за рекреативни цели, како сензитивни води од загадување со нутриенти и зони на заштитени водни живеалишта, истакна Темелковски.
Извештајот, додаде заменик-министерот, ќе ги престави елементите на состојбата на водните басени на езерата како што се биолошките, хемиските и геоморфолошките, но ќе ги даде и насоките за квалитетен мониторинг на состојбите и квалитетот на езерата.
Според заменик амбасадорот на Германија во Македонија, Ханс Хелге Зандер, Извештајот покажува дека Македонија е во добра позиција, затоа што квалитетот на водите, споредбено со германските води е подобар.
Нивното зачувување денес, потенцира Зендер, е многу поевтина опција отколку да ги искористите неодржливо, а потоа да мора да се вратат во нивната претходна состојба односно во состојба која ќе може одржливо да се користат.
Извештајот е изработен за две години и е во рамките на проектот на Германското друштво за меѓународна соработка (ГИЗ) за регионална конзервација и одржлива употреба на биодиверзитетот на Охридското, Преспанското и Скадарското Езеро. За негова реализација потрошени се околу два милиона евра.