Насловна / Архитектура / Во земјата на дабот и железото

Во земјата на дабот и железото

Винлатон Мил е рурална населба, лоцирана во живописната долина на реката Дервент западно од Гејтсхед во Североисточна Англија, низ која поминува магистралниот пат и велосипедската патека коишто ги поврзуваат источниот и западниот брег на Северна Англија. Во близина на населбата во 1690-те години била изградена една од првите железарници каде што преку воденици водената енергија ги движела ковачниците со што биле поставени и зачетоците на индустриската револуција. Од овие скромни, но значајни почетоци населбата и долината до 1980-те години претставувале водечки светски центар за производство на железо и челик. По затворањето на овој индустриски комплекс локацијата била предмет на проект за обнова на земјиштето преку кој била трансформирана во парк.

ESH GROUP

Центарот за наследство „Земјата на дабот и железото“ е сегмент од истоимениот проект на Одделот за североисточна Англија и Камбрија на непрофитната орагнизацијата Граундворк, која ги поддржува локалните заедници во процесот на трансформација преку спроведување на иницијативи за позитивни промени на местата и животите на луѓето, преку кои се создаваат заедници коишто се поотпорни на идните промени. Преку овој проект била опфатена долината на реката Дрвент со околните населби со вкупна површина од 177 км2, при што бил формиран и поголем парк кој  нуди можности за рекреација. Популарноста на паркот резултирала во потреба за дестинација каде бројните посетители ќе имаат можност не само да се сретнат и освежат, туку и да се запознаат со богатата историја и културното наследство. Оттука Граундворк во соработка со Советот на Гејтсхед се ангажирале во создавањето на Центарот за наследство.

ESH GROUP

Определбата да се дојде до уникатно решение за Центарот во услови на ограничени финансиски можности, резултирало во иновативен пристап.  Проектот им бил зададен како семестрална задача и конкурс на студентите на магистерски студии по архитектура на Нортамбрија универзитетот во Њукасел.  Од 35-те изработени студентски проекти биле селектирани неколку од кои, врз основа на изложба, локалната заедница го избрала проектот на студентот Матју Гловер. Неговото решение било базирано на концептот на воденичко тркало инспирирано од водениците во рамките на најстарата железарница на локалитетот.  Избраното решение било прилагодено и реализирано од тим на Проектантското биро при Советот на Гејтхсед (архитектура, машинство, електрика, водовод и канализација, и конструкција до ниво на терен), Граундворк (проект-менаџмент, пејзажна архитектура и внатрешно уредување) и Еш констракшн (проект за конструкција над ниво на терен и изведба).

8_resize

И покрај малата површина на предложениот објект од околу 315 м2, проектот претставувал голем предизвик, како резултат на локацијата на објектот на обновено земјиште, геомеханичките услови, локација во рамките на зона подложна на поплави и заштитен зелен појас, ограничениот буџет и зададените рокови за реализација.  Вообичаено, критериумите за проектирање на објект во рамките на заштитен зелен појас се со исклучителни барања и фокус на одржливост и архитектонски квалитет на истиот.

5_resize

Објектот во форма на потковица (3/4 од воденичко тркало) е лоциран веднаш до постоечки паркинг-простор, помеѓу магистралниот пат и велосипедската патека (која го следи текот на реката), во заштитен зелен појас и парк каде носивиот слој на тлото се наоѓа некаде над 20 метри длабочина од нивото на теренот, а погорните слоеви на земјиштето содржат повеќе метри длабок насипан материјал добиен при процесот на обнова на земјиштето под поранешниот индустриски комплекс.  Иако делумно обработен и прочистен од загадувањата, овој слој сè уште содржи загаден материјал, метан и јаглеводород сместен во „саркогаф“ прекриен со слој од непропусна глина над која се наоѓа почва во која е оформено зеленилото на паркот.  Оттука, при проектирањето требало да се зачува „саркофагот“ за да не се дозволи или испуштање на загадениот материјал во средината или продор на вода во истиот преку која загадувањето може да се прошири и надвор од парцелата.

7_resize

Со оглед дека објектот се наоѓа во зона подложна на поплави, котата на подот на приземниот објект била определена врз основа на проценките за нивото на очекуваните поплавни води земајќи ги предвид и очекуваните идни последици од глобалните климатски промени. Ова овозможило да се зачува заштитниот слој на „саркофагот“ и над него во слоеви да се набие гранулиран материјал со што се подобриле и геомеханичките својства под објектот, но и подот на новиот објект бил лоциран над нивото на очекуваните идни поплавни води. Вака создадената работна зона овозможила сместување на темелите, подната конструкција и подземните инсталации. Фундирањето на објектот било направено преку здебелена по обемот на објектот темелна армиранобетонска плоча која се протега и низ дворот за да ги поврзе двата „крака“ на потковицата и преку тоа да го намали ризикот од диференцијални слегнувања и евентуални оштетувања на истата.

ESH GROUP

Оригинално предвидената комбинирана мембрана за заштита од влага, метан и јаглеводород во текот на изградбата била заменета со мембрана за заштита од влага во комбинација со активен систем на заштита преку воздушен слој.  При ова преку мрежа под темелната плоча во слојот од гранулат се пумпа воздух под притисок преку кој се разредуваат и дисперзираат надвор од објектот евентуалните штетни гасови и испарувања од тлото.

6_resize

Големиот однос на обвивка наспроти површината на објектот наложил особено внимание да се посвети и на термичката заштита на обвивката, што овозможило да се стекне оценката „Б“ на Сертификатот за енергетско однесување на објектот.  Следејќи ги принципите на „модерниот метод на конструкција“, над нивото на подот обејктот е изграден со носива рамовска конструкција од челични профили во комбинација со високоизолирани панели со дрвена рамка и „топла“. Завршната обработка на фасадата е со примена на дрвена опшивка од западен црвен кедар во комбинација со алуминиумски прозорци со термопан стакло и вертикални панели од ’рѓосано железо коишто асоцираат на воденичките „лопатки“.

1_resize

Формата на објектот и малата длабочина на основата овозможиле да се искористат придобивките на пасивната соларна енергија, преку големите застаклени површини на дворната страна на објектот со претежно југоисточна ориентација во комбинација со напречна природна вентилација. Подот од полирана дебела бетонска кошулка, служи како акумулатор на сончева енергија преку својата термичка маса. Дополнителна термичка маса и заштита на објектот од прегревање е обезбедена преку зелениот кров на објектот, а стреите овозможуваат ниво на заштита на внатрешноста од сонцето во текот на летните месеци. Зелениот кров придонесува да се зачува и збогати биолошката разновидност на локацијата, но и помога во однос на визуелната перцепција на објектот од населбата лоцирана на брдото.

3_resize

Ограничувањата на локацијата не овозможиле примена на активните системи за обновлива енергија.  Така греењето и топлата вода во рамките на објектот се обезбедени преку котли на гас регулирани од надворешната температура во комбинација со компјутерски систем за управување со објектот.  Дистрибуцијата на топлинската енергија е преку радијатори на топла вода, осветлувањето е со лед светилки, а механичката вентилација е контролирана преку детектори за присуство во вентилираните простории. Во рамките на парцелата поставена е инфраструктурна мрежа за поставување полначи за електрични автомобили.

9_resize

Зелениот кров и пермеабилното поплочување на дворот и дополнителниот паркинг-простор се делови од системот за одржлива атмосферска канализација, преку која времено се складира и со задоцнување се испушта атмосферската вода, со што се намалува ризикот од поплави при поројни дождови. Опкружувањето на објектот пејзажно е обработено и збогатено со скулптури и уметнички творби.

2_resize

Самиот објект содржи влезен простор во рамките на кој е сместен и Центарот за интерпретација на наследство на регионот, кафетерија со кујна, три деловни простории за изнајмување на локални мали деловни организации од креативниот сектор, со цел да се промовираат можности за вработување.  Објектот и неговото опкружување се пристапни за лицата со посебни потреби, семејствата со деца, како и за домашни миленици.

ESH GROUP

Врз основа на искуствата од изминатиот период, Центарот ги има исполнето очекувањата и станал атрактивна дестинација за посетителите и двигател на дополнителни унапредувања на местото. Од отворањето на објектот во септември 2018 до јануари 2020 година, привлекол 132.332 посетители, има поддржано отворање на 18 работни места со неполно работно време (коишто се еквивалентни на 9,5 работни места со полно работно време) од кои 14 се пополнети од локални лица, и има овозможено 18 локални деловни организации да ги снабдат и понудат на продажба своите производи.

ESH GROUP

Центарот за наследство „Земјата на дабот и железото“ е добитник и на повеќе награди и признанија во 2019 година, како националната Награда за нов објект на Овластената асоцијација на инженери за високоградба, националната Сребрена награда „Зелено јаболко“ за јавен објект, регионалната Награда за мал комерцијален објект на организацијата на градежни инспектори при локалните власти за северниот регион, национално Високо признание за одржливост од Овластената асоцијација на инженери за високоградба и регионално Признание за урбанистичко планирање на Кралскиот институт на градски планери за североисточниот регион.

д-р Владимир Б. Ладински, дипл. инж. арх., авторот на овој текст воедно е и водечки проектант по архитектура на објектот

4_resize

Испрати коментар

Scroll To Top