Надлежната установа за реализација на проектите од областа на заштитата на недвижното културно наследство во велешкиот регион, Националниот конзерваторски центар, во изминатиот период реализираше повеќе активности кои беа во насока на зачувување на ова значајно спомен-обележје кое е симбол на градот Велес.
Беа преземени интервенции за превентивна заштита на покривот за да нема прокиснување, што претставува проблем уште од времето на изградбата на објектот. Изведено е и превентивно санирање на екстериерот и интервенција со инјектирање на сите прозорски отвори, промена на оштетените делови и поставување на нов плексиглас.
Надлежните екипи ја завршија и санацијата на изолацискиот слој на споменикот, а се изведуваше и дел од санацијата на завршниот, фасаден слој, за што активностите се во завршна фаза.
Целосната реализација на проектот за санација на Споменикот на паднатите борци од НОВ од Велес и Велешко е предвидено да заврши до крајот на годинава, со што конечно ќе биде соодветно заштитен еден значаен споменик на културата.Споменикот на паднатите борци од НОВ од Велес и Велешко е изграден во непосредна близина на градот во 1979/81 година.
Внатрешноста е декорирана со импозантен ѕиден мозаик од пет сцени, дело на современиот македонски сликар Петар Мазев. Овој споменик е своевиден белег на градот Велес.