Виенската градска управа одлучила дополнително да го олесни животот во Виена за време на пандемијата, Така, од 10-ти април, поставени се четири привремени „зони на сретнување“ (Begegnungszone) со цел подобрување на квалитетот на јавниот простор. Предноста на овие зони е во заедничкото користење од страна на сите учесници во сообраќајот кои подлежат на ограничување на брзината од највеќе 20 километри на час. Овие зони го применуваат концептот „без правила“ и се потпираат на комуникација, индувидуална одговорност и меѓусебно почитување. Најголема таква зона е познатата улица Mariahilfer. На влезот и излезот од овие улици се наоѓаат посебни знаци на кои јасно е прикажано ограничувањето на брзината за автомобилите. Целта на оваа мерка е да им се овозможи ан пешаците полесно одржување на физичката дистанца. Со овој пристап се занимавале и стручњаците за просторно планирање од Техничкиот универзитет во Виена (TU Wien). Тие ги филтрирале улиците чии тротоари се претесни, и каде не е можно да се изведе препорачаната физичка дистанца, а од друга страна пак, ги мапирале и населбите каде доминантно живеат лица постари од 65 години, како најранлива категорија од населението. Истражувањето покажало дека речиси во сите окрузи постојат критични точки (обележени со виолетово на мапата). Прилагодувањето на сообраќајот особено во тие места е исклучително значајно.