Во Ликовниот салон во Велес синоќа беше отворена изложба на фотографии од Љупчо Илиевски од Скопје фотограф – фоторепортер вработен во МРТВ како камерман/снимател. Ова е негово второ претставување пред велешката културна публика по првата на која ги претстави убавините на Кокино.
На изложбата се претставени 30 фотографии со димензии 70х50 сантиметри формат, на кои се претставени најразновидни убавини на Преспа.
Како што информира за МИА авторот на изложбата Љупчо Илиевски фотографиите се направени во периодот 2008-2011 година при правење репортажа за престижниот „Нешнл џеографик “, а за што подолго време го истражувал овој регион. Во соработка сo УНДП изработил и календар за 2011 година што бил објавен во 162 држави.
Илиевски воедно потсетува дека Преспа по многу нешта е единствена во Европа и светот: Преспанското езеро се наоѓа меѓу два национални парка Галичица и Преспа, а 46,7 проценти од сите видови птици во Европа се сместени во Преспанскиот регион. Тој е богат со енемични видови на риби и растенија,а е трет во светот по производство на јаболка.
-Таму е Курбиново и нашиот Ангел трета фреска по убавини во светот настанати три века пред појава на романтизмот и негов предвесник. Затоа треба да се гордееме со Преспа. Преспа е насушна потреба за да се исполни душата. А за фотографот е најважно преку фотографиите да го потенцира тој мир и спокој што го има во Преспа. И кога тишината сака да се одмара оди во Преспа, потенцира Илиевски.
Тој најави дека по претставувањето на Преспанското езеро од македонска страна, ќе го фотографира езерото и од албанска и од грчка страна и потоа на следни изложби ќе ги претстави и тие негови убавини.
Изложбата „Убавината ја живееме“ беше отворена во Ресен, по што беше претставена и во Скопје, Гевгелија, Крива Паланка и Кавадарци. По Велес ќе биде изложена и во други градови во државава.