Турција денеска почна со градба на првата атомска електроцентрала што ќе се гради во Аккујо во јужна Турција. Проектот е вреден 19 милијарди евра и ќе ја гради руската компанија „Росатом“. Се очекува АЕЦ да почне со работа во 2020 година.
Денеска беше поставен камен-темелник на првиот од четирите реактори од кои секој ќе биде со моќност од 1.200 мегавати.
– Нема развој во држава без нуклеарна енергетика. Турција која се развива, не може да не обезбеди таков вид енергија, – изјави Танер Јилдиз, министер за енергетика.
За да се намали енергетската зависност од Русија или Иран, Турција почна амбициозна програма со која е предвидено изградба на три АЕЦ до 2030 година.
– Ако оваа централа беше изградена пред 10 години, ќе заштедевме 14 милијарди долари од купување природен гас, – додаде Јилдиз.
Проектот за АЕЦ во Аккују е подложен на остри критики од еколози кои се загрижени поради животната средина и одобрението дадено за градба во зона со силна сеизмичка активност.