Неколику италијански градови, осебно на северот на земјата, забранија движење на различни категории возила за да се намали загадувањето на воздухот.
Со црвено предупредување од страна на експертите за количината на смог во воздухот, Торино ги запре сите дизел возила со еуро 5 или пониски ознаки на моторот. Мерките се превземени, бидејќи десет дена по ред се регистрирани преку 50 микрограма микрочестици по кубен метар. За прв пат е применета забрана и на оваа категорија возила.
И Милано бележи црна серија на денови со лош квалитет на воздухот. Годинава бил најзагаден дочек на Нова Година од кога се почнати редовните следења од 2005 година.
Црвен аларм е на сила и во Падова. Од 8.30 до 18.30 забрането е движење и на приватни и на службени возила на бензин, со мотори еуро 0 и еуро 1, како и дизел возила со мотори до категорија еуро 4. Во тек на денот одмараат и двотактни моторцикли и мопеди регистрирани пред 2000. година. Населението се повикува да користи градски превоз наместо возила.
Во Фиренца во центарот на градот, паркирани се приватните и службените возила чии мотори се причина за загадување. Забранета е и употреба на камини и печки на дрва и пелети во јавни и приватни објекти. Постојаниот висок воздушен притисок, слабите ветришта и сувото време само ја влошуваат состојбата.