Во Тетово се создаде нова дива депонија. Купишта смет веќе неколку дена се таложат на земја во дворот на претоварната станица, лоцирана во близина кај тетовски Требош.
Наместо во претоварната станица, големи количества од насобраниот комунален смет од тетовските домаќинства, со денови се истура на земја во дворот на претоварната. Од сметот кој неконтролирано се таложи на отворено, градот са дави во смрдеа. Граѓаните велат дека миризбата е лоша особено во вечерните часови.
Од Јавното комунално претпријатие Тетово, истакнаа дека настанал дефект во претоварната станица, затоа дел од ѓубрето се истура и претовара на земја. Очекуваат дека за неколку дена ќе се санира дефектот и проблемот ќе биде решен.
Од Еко Герила велат дека секоја пролет, Тетово се соочува со еколошка криза. Сметаат дека најдобро решение е владата да ги преземе ингеренциите околу менаџирањето со тетовскиот отпад.
Тетово повеќе од една деценија не може да го реши проблемот со собирање и транспортирање на отпадот.
(Канал 77)