Во тек е изградба на паднатиот потпорен ѕид на градинката „Панорама“ – клон „Кочо Рацин“, соопштуваат од општина Центар.
Ѕидот ќе биде висок три метри, долг приближно 40 метри и е изработен од армиран бетон.
Според информацијата, особено внимание се обрнува на квалитетот на материјалот и затоа се гради по сите стандарди. Сето ова е со цел да се избегне опасност од повторно уривање како резултат на лизгањето на земјиштето.
Изградбата ќе заврши во текот на наредниот месец.
Ѕидот зад градинката се урна во текот на летото, паѓајки врз детските реквизити поставени во дворот на градинката, но за среќа без жртви, бидејќи тоа се случи во раните утрински часови, кога немаше деца во дворот.