Едно од основните прашања во екологијата е колку видови дрвја постојат на Земјата. Потребен бил тим од над 100 научници од различни делови на светот и опсежни теренски истражувања за да се најде најточниот одговор на ова навидум едноставно прашање. Во новото истражување, објавено во научното списание PNAS, меѓународен научен тим открил дека има околу 73 илјади видови дрвја, вклучително и околу 9.200 видови кои допрва треба да се откријат.
Авторите на студијата процениле дека бројот на видови дрвја е за околу 14 отсто поголем од сегашниот број на познати видови. Тие сметаат дека видовите кои, според нивните прогнози, допрва треба да се откријат, се претежно ретки, со мала популација и ограничена површина каде што растат. Ова ги прави особено ранливи на човечки активности, како што се уништувањето на шумите и климатските промени.
“Овие резултати ја истакнуваат ранливоста на глобалниот биодиверзитет на шумите од антропогени промени, особено користењето на земјиштето и климата, бидејќи опстанокот на ретките видови е несразмерно загрозен од овие влијанија“, објаснува Питер Рајк од Универзитетот во Мичиген, еден од водечките автори на студијата.
За да се стекне ова знаење, потребни биле часови теренско истражување и проучување на поединечни примероци на дрвја во 90 различни земји во светот. Истражувачите ги комбинирале помалите збирки податоци во поголеми, а крајниот резултат од нивниот истражувачки подвиг е составувањето на најголемата база на податоци за шумите досега.
Авторите тврдат дека користеле понови статистички методи кои им овозможиле попрецизно да го одредат бројот на уникатни видови дрвја на континентално и глобално ниво, како и на ниво на биом. Биомот е географска област која се карактеризира со исти услови за живеење, како што се тропска прашума, савана или пустина.
Најголем број на видови дрвја на сите континенти се наоѓаат во тропските и суптропските влажни шумски биоми. Според проценките, во овие шуми се наоѓаат околу половина од сите познати видови, но и околу 40 отсто од видовите кои допрва треба да се откријат. На локално ниво, најголема разновидност на дрвја има во басенот на Амазон, каде во просек на еден хектар растат 200 различни видови.
“Подоброто познавање на богатството и разновидноста на дрвјата е клучно за зачувување на стабилноста и функционирањето на екосистемите. Шумите бесплатно обезбедуваат многу „екосистемски услуги“ за човештвото. Освен што нè снабдуваат со дрва за производство на разни потребни материјали и за затоплување, шумите го чистат воздухот, ја филтрираат водата и помагаат во контролата на ерозијата и поплавите. Тие помагаат да се зачува биодиверзитетот, складира јаглерод диоксид кој ја загрева климата, промовира формирање на почва и циркулација на хранливи материи, истовремено обезбедувајќи услови за рекреација како што се планинарење, кампување, риболов и лов “, вели Роберто Казола Гати од Универзитетот во Болоња.
Авторите се надеваат дека нивните наоди ќе ги поттикнат напорите за зачувување на шумите таму каде што се најпотребни и ќе спречат понатамошно загрозување на ранливите живеалишта населени со најретките видови.