Во централна Србија, недалеку од автопатот, се наоѓа еден од најсовремените забавни паркови во регионот.
Во срцето на Шумадија, во Баточина, во коплексот на забавниот парк со најразновидна содржина за игра и забава за деца и возрасни е и лавиринтот со најдолга патека во Европа.
Лавиринтот „Бора“ во Баточина е најголемиот лавиринт во Европа, односно има најдолга патека со должина од 3,5 километри. Направен е од жива ограда и зафаќа површина од 2,7 хектари. Покрај патеките, има и шест мостови во различна боја и палуби за набљудување, каде што е достапна помош доколку некој не успее да најде излез. На влезот во лавиринтот на посетителите им се достапни мапи, но тие сами го избираат патот по кој сакаат да одат.
Времето на минување, односно излегување од лавиринтот зависи од особа до особа, односно од снаоѓањето во просторот. Во просек, прошетката трае од 45 минути до еден час.
Паркот содржи и други атракции како што се терен за мини голф со 18 дупки, трамболина парк, игротека и замоци за игра, ресторан. Исто така има и спортски области каде може да се игра шах или пинг-понг. На влезот во паркот надмоќно се издига реплика на џиновски, десет метри висок Трансформер, кој на посетителите им посакува добредојде.
Ако сакате авантура, предизвик и исчекување, тогаш овој зелен лавиринт е одличен предизвик. Овој вид на забава е особено добар за сите оние кои уживаат во пешачење и активен одмор.