Насловна / Вести / Во Србија министерката за градежништво поднесе барање за одземање на лиценци на 16 инженери

Во Србија министерката за градежништво поднесе барање за одземање на лиценци на 16 инженери

Во регионот постојат многу сомневања во инженерите, нивната професионалност и морал (а и политички притисок) и како резултат на тоа се случуваат и грешки за кои воглавно никој не понесува одговорност.
Кај нас имаме многу такви примери, проектот „Скопје 2014“, Урбанистичките планови, конкурсните расписи, автопатот Кичево – Охрид, итн., но работите се уште се „ставаат под тепих“. Состојбите воглавно се нагаѓаат и никогаш не се расветлуваат до крај, а проектите, ревизиите, надзорите и изведувањето се егзактна работа. Нашата Комора на овластени архитекти и инженери и покрај сите недоследности на инженерите, нестручност и последиците од таа состојба, досега единствена причина врз основа на која одземала овластувања е неплатена чланарина повеќе од 5 години.
Во Србија министерката за градежништво поднесе барање за одземање на лиценци на 16 инженери.

2
Како што јавува српска „Политика“ Министерството за градежништво, сообраќај и инфраструктура на Србија поднело пријава до Судот на честа при Инженерската комора на Србија против 16 инженери со барање да им се одземат лиценците. Поради падот на потпорниот ѕид на Коридорот 10 во Грделица, ресорната министерка Зорана Михајловиќ веќе најави дека на сите кои ставиле свој потпис на овој проект ќе бара да им се одземат инженерските лиценци.
Според сознанијата на „Политика“ пријавата е пднесена во петок, 24 август, против проектантите, како и оние инженери кои вршеле техничка контрола на главниот проект за изградба на делот на автопатот Е75 на делницата Грделица (Горње поље) – Царичина долина.
Пријава е поднесена и против инженерите проектанти, ревиденти и инженерите одговорни за изведување на работите, како и оние кои вршеле надзор.
За потсетување, на овој дел на трасата косината која била под природен наклон од 40 до 45 степени се сруши на 19 август. Во ппријавата во која „Политика“ имала увид се наведува дека во последните два месеца „мобилноста на теренот била значајна и кулминирала тоа утро, кога дошло до рушење на дел од конструкцијата, за после дваесетина часови да дојде до ново обрушување“.

1
Основ за поднесување на пријава против 16 инженери е тоа што го потпишале проектот на конструкцијата која се срушила, што можело да загрози животи и безбедност на луѓе, а како последица на тоа е предизвикувањето на голема материјална штета. Постои основано сомнение дека предложените, а потоа усвоените решенија не се направени врз основа на сите потребни пресметки. Од Судот на честа се бара да се утврди, дали во овој случај постојат елементи на професионална одговорност и се бара одезмање на лиценци на 16 инженери.
Првобитното решение од 2010 година не било возможно да се изведе на терен, па изведувачот на работите предложил измена. Новото решение претрпело 11 измени, а тие најчесто се сведувале на дополна на косината со хоризонтални греди и додатни анкери. Утврдено е дека никогаш во согласност со законот, не е спроведена постапка за измена на главниот проект нити добиена нова дозвола за градба. Министерството во пријавата констатира дека законските процедури не се почитувале во подоцнежните 11 ревизии. Постои основано сомнение дека сите дополни на главниот проект се последица на директен договор помеѓу инвеститорот и и изведувачот.
Двајца од 16-те инженери обвинети за рушење на потпорниот ѕид тврдат дека стојат позади првиот проект, кој подоцна е менуван и тврдат дека тие измени никогаш не ги потпишале.
Инженерот Бранко Јелисавац од Институтот за патишта кој ја вршел ревизијата на главниот проект на косината вели дека не се срушил проектот на Сообраќајниот институт ЦИП, кој е одобрен „туку нечив туѓ проект, кои го работеле некои други инженери, а нивните имиња не се на списокот за одземање лиценци“. Тој исто така размислува кого да тужи бидејќи му се валка професионалниот авторитет, како што вели, без утврдување на вистинската причина за рушење на потпорниот ѕид.
И Милан Поповиќ, инженер, кој е еден од проектантите на главниот проект на ЦИП за Косината 2, смета дека ставање на список на 16 инженери за одземање лиценци е непримерна реакција на Министерството, бидејќи рушењето на ѕидот нема врска со проектот.
„Нашите проекти се менувани без наша согласност. Јас не сум ставил потпис на тоа што е срушено, јас својот потпис го ставив на нешто што не е изведено“, вели Поповиќ.
Каде е вистината и кој е во право веројатно допрва ќе се докажува, но одговорност и за квалитет и за неквалитет, мора да се лоцира и некој да ја понесе. Важно е да се иницираат вакви прашања. Мора да постои свест и совест во секоја професија, без што квалитетот е невозможен, а единствен критерум мора да биде стручноста во работењето.

Испрати коментар

Scroll To Top