Од идната година по скопските улици ќе сообраќаат 30 нови автобуси на еколошко гориво и ќе ги заменат старите дотраени дизел возила на ЈСП без клима и дополнителна опрема.
“ЈСП Скопје со цел набавка на нови еко-автобуси, донесе одлука за задолжување кон меѓународна кредитна институција во износ од 10 милиони евра, со каматна стапка од 1 отсто, три години грејс период и седум години отплата, без вклучен грејс период. Кон обезбедување на задолжувањето потребно е да се добие државна гаранција. Бидејќи е утврден начинот на финансирање за планираните нови автобуси, динамиката на целиот проект предвидува на есен да се распише тендерот, а до крајот на годинава да се потпише договорот со фирмата што ќе ги испорача автобусите. Автобусите ќе бидат нископодни, и планираме две третини од нив да бидат зглобни, а една третина единечни“, вели скопскиот градоначалник Петре Шилегов.
Целта на оваа набавка е Скопје да добие модерен јавен транспорт, кој е економски ефикасен и не го загадува воздухот.
“До сега низ Скопје пробно сообраќаа неколку еко автобуси од различни производители. Имавме три автобуси на гас и еден електричен автобус. Целта беше да стекнеме искуства и најдобро да оцениме кој тип на автобус е најсоодветен за сообраќајот во Скопје. Автобусите на гас се енергетско ефикасни. Споредено со потрошувачката на старите дизел- автобуси, овие автобуси трошат речиси двојно помалку гориво, што дополнително ќе ги намали трошоците на ЈСП. Најголемата предност е тоа што емитуваат значително помалку CO2 што речиси воопшто не го загадуваат воздухот“, додава Шилегов.