Во едно швајцарско село, моментално се подготвува монтажа на најголемата градба на светот направена со помош на 3D печатење. Проектот под името „Бела кула“ (Tor Alva), кој го реализираат истражувачи од ETH Цирих, во соработка со една фондација, се состои од над сто столбови, додека на врвот е предвиден простор за културни перформанси. Оваа кула, чија изградба се одвива во делови кои подоцна ќе бидат транспортирани и монтирани во селото Мулегнс во швајцарските Алпи, се одликува со сложен стил инспириран од барокот и височина од 30 метри.
Со пет ката и полуотворена фасада, која по потреба ќе биде заштитена од временски непогоди со лесна мембрана. Кулата претставува вистинско архитектонско чудо. Во кулата се влегува преку долните спратови составени од масивни столбови, а движењето низ неа ќе биде овозможено со спирални скали, при што секој нареден кат ќе биде потрпрозрачен и посветол, се до врвот каде ќе биде сцената со капацитет за 45 посетители. Овој простор ќе биде наменет за одржување на помали концерти и театарски претстави, а по завршувањето на претставите, кулата ќе биде демонтирана и повторно изградена на друга локација.
За разлика од традиционалните методи на градба, деловите на кулата не бараат никаква оплата или арматура. Процесот на печатење ќе трае околу 900 часа, при што ќе се користат роботизирани 3D печатачи за екструдирање на мешавина слична на цемент, слој по слој, со цел формирање на основните сегменти за монтажа. Кулата ќе биде изградена веќе до средината на оваа година, и симболизира исклучителен развој на 3D печатењето во градежништвото.