Директорот на компанијата „Ренфе“, која е задолжена за железничкиот сообраќај во Шпанија, поднесе оставка, бидејќи за 258 милиони евра се купени возови кои се преголеми за тунелите на пругата меѓу Астурија и Кантабрија.
Бидејќи набавката на некомпатибилни возови предизвика бурни реакции во јавноста, оставка поднесе и државната секретарка за сообраќај.
Плановите за модернизација на железничкиот сообраќај во северна Шпанија беа објавени пред три години, но на крајот на јануари е откриено дека се купени за 258 милиони евра, возови кои се прешироки за тунелите на пругите во Астурија и Кантабрија пишува Гардијан.
Отпуштањата на директорите на компанијата „Ренфе“ и на компанијата за инфраструктура „Адиф“ не го ублажи гневот на јавноста, па државната секретарка за сообраќај Изабел Пардо де Вера, како и претседателот на „Ренфе“, Исајас Табоас мораа да поднесат оставки.
Министерката за сообраќај Ракел Санчез истакна дека од моментот кога дознала за проблемот прави се за да дознае што се случило и да најде решение.
„Ја прифативме одговорноста, се извинивме, ја препознавме грешката и утврдивме кој е одговорен. Почнавме и внатрешна истрага и формиравме работна група за изнаоѓање решение“, навела Санчез.
Владата на Шпанија претходно инсистираше на тоа дека грешките биле забележани пред да бидат набавени и направени возовите и дека „ниту едно евро на Шпанците не е дадено залудно“.