Насловна / Архитектура / Во сеќавање на Драгослава Томова Серафимова (1924 – 2017)

Во сеќавање на Драгослава Томова Серафимова (1924 – 2017)

На почетокот на јуни се збогувавме со професорката Серафимова. Полека заминуваат и последните протагонисти на самите почетоци на образованието по архитектура на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, кои зад себе оставија значајни дела вградени во основите на Архитектонскиот факултет.

Серафимова ги завршила студиите по архитектура на Архитектонско-градежно-геодетскиот факултет во Загреб. По дипломирањето во 1954 година кај проф. Стрижиќ, таа се вработила како асистент на предметот Проектирање на општествени згради на Архитектонскиот отсек на Техничкиот факултет во Скопје, за една година подоцна да се префрли на предметот урбанизам кој потоа останал нејзина животна професионална определба. Во 1967 година, таа била избрана за доцент по предметот урбанизам на Катедрата за урбанизам, комунална техника и општествени науки, во 1972 година за вонреден професор, а од 1978 беше редовен професор на Архитектонскиот факултет.Dragoslava Tomova Serafimova

Преку пристапот што го негуваше во предметите од областа на урбанизмот, таа се легитимираше како посветен и компетентен едукатор. Таа умееше кај студентот да го разбуди и поттикне интересот за материјата што ја предава. Во времето кога на урбанизмот во голема мера се гледаше како на исклучиво техничка дисциплина, таа постојано ја предочуваше интердисциплинарната суштина на прашањата со кои тој се занимава, воведувајќи во предавањата аспекти поврзани со урбаната социологија и урбаната психологија. Таа ги отвораше вратите на различните проблемски подрачја врзани за урбанизмот, суптилно насочувајќи ги натамошните истражувања на студентите. Педагошката дејност професор Серафимова ја реализираше не само на студиите од втор и трет степен на Архитектонскиот факултет, туку и на Градежниот факултет и во Институтот за социолошки истражувања на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“.

IMG_20170621_111754

Листата на нејзините творечки достигнувања е исклучително богата и вклучува урбанистички планови, архитектонски дела, експертизи, научни и стручни трудови. Таа работела на многубројни урбанистички планови, при што остварила соработка со значајни претставници на урбанистичката професија. На Урбанистичкото решение за дел од општина Идадија работела со проф. Драгољуб Јовановиќ, а на урбанистичките планови за Гевгелија работела заедно со Федор Венцлер. Изработила урбанистички решенија за Ваташа и Крива Паланка, а за подоцнежниот период се карактеристични бројните урбанистички планови работени со професор Андреј Токарев и другите членови на катедрата за урбанизам.

Списокот на проекти и изведени архитектонски објекти е исто така импресивен и опфаќа станбени, општествени и индустриски објекти и особено објекти за детска заштита. Обемната листа на нејзините творечки достигнувања, заедно со нејзината долгогодишна успешна образовна дејност, ја легитимира не само како протагонист туку ја вбројува меѓу основоположниците на урбанизмот во Македонија од втората половина на дваесеттиот век.

проф. д-р Влатко Коробар, архитект

Испрати коментар

Scroll To Top