Продажбата на недвижности во САД порасна во септември со најбрзо темпо од почетокот на годинава. Сепак, на американскиот пазар на недвижности му треба уште време во целост да закрепне од забавувањето што почна уште на средината од 2013 година.
Според податоците на американската Национална асоцијација на трговци со недвижности, продажбата на изградени куќи и станбени објекти во септември порасна за 2,4 насто, во однос на август на сезонски приспособената годишна стапка од 5,17 милиони единици, додека на годишно ниво стапката падна за 1,7 отсто, пренесува АП.
Продажбата на семејни куќи, според податоците на Асоцијацијата, во септември пораснала за два насто, додека продажбата на станови пораснала за 5,2 насто.
Просечната цена на на сите видови изградени недвижности во септември изнесуваше 209.700 долари, што е за 5,6 насто повеќе во однос на септември 2013 година. Овој септември е 31 месец по ред во кој растат цените.
Вкупните залихи на недвижности на пазарот во САД во септември се намалени за 1,3 отсто, на 2,3 милиони единици.