Марков манастир заедно со група верници во сабота организира акција за собирање на отпадот од површините околу манастирот. Акцијата ќе почне во 17 часот, а збирно место е дворот на манастирот.
– Ги повикуваме сите пријатели на манастирот, кои се во можност, да се приклучат кон акцијата. Збирно место е дворот на манастирот, 17:00 часот. Ќе биде обезбедена потребната опрема за собирање: кеси, ракавици и слично. Секој кој може да помогне е добредојден, се вели во повикот од сестринството на Марков манастир.
Велат дека поразителен е фактот што еколошката свест е на исклучително ниско ниво и оти постојаното загадување на природата и оставањето на личниот отпад на несоодветни места е честа слика.
– Со таков сериозен предизвик се соочува и Марковиот манастир, предизвикот на постојано загадување на животната средина околу манастирот, на нејзината бујна и раскошна природа и чистата и живописна Маркова Река. Просторот околу манастирот, особено по течението на Маркова Река, е привлечна викенд дестинација за бројни излетници кои одлучуваат слободните викенди и празници да ги поминат во опкружувањето надвор од манастирот. За жал, огромната фреквенција на несовесни луѓе, зад себе остава огромни количини на отпад, кој не се одлага во соодветно поставените контејнери, туку останува расфрлан насекаде да лежи по зелените површини и водата. Сликата која останува после тоа е страшна, посочува сестринството на манастирот.
Прекрасната природа е Божји благослов, велат од сестринството и потсетуваат дека човекот треба да живее во ненарушен склад со природата и да не ја нарушува таа хармонија.
Посочуваат дека монахињите од манастирот се единствените кои се грижат за чистотата на опкружувањето надвор од манастирот и апелираат да почне да работи индивидуалната и колективната свест кај луѓето.