Мостот Браила во Романија, еден од најголемите висечки мостови во Европа, воедно и најголемиот преку Дунав, официјално е отворен во четвртокот, 6 јули 2023 година.
Конструкцијата, која веќе е наречена Романски Голден Гејт, има вкупна должина од 1.974 метри, со главен распон од 1.120 метри и два бочни распони со должина од околу 490 и 365 метри.
Најголемата романска инфраструктурна инвестиција во последните 30 години, мостот Браила ги поврзува пристаништата на Црното Море и делтата на Дунав со остатокот од земјата и со пошироката трансевропска транспортна мрежа.
ПРОЕКТИРАН ДА ТРАЕ 120 ГОДИНИ
Како што е наведено на официјалното отворање, мостот Браила е трет по големина висечки мост во ЕУ, а проектиран е да има животен век од 120 години.
Работите на неговата изградба траеа околу пет години, додека ажурираната вредност на проектот надминува 500 милиони евра, од кои придонесот на ЕУ изнесува 363 милиони евра.
Мостот ќе овозможи слободен транзит на пловни објекти и ќе ја замени бавната и несигурна фериботска врска, која често е во прекин во текот на зимата или поради лошите временски услови, пишува порталот Romania Insider.
Европската комисија објави дека мостот е вистинско технолошко чудо кога се во прашање неговите кули и системот за закотвување.
Главните кабли се долги 81.000 километри и имаат гарантиран животен век од 120 години.
„Сидрените блокови со дијаметар од 47 метри темелени се на длабочина од 31 метри, што се бројки со кои многу малку мостови во светот се совпаѓаат“ – велат од Европската комисија.
ЗАВРШУВАЊЕ НА СИТЕ РАБОТИ ДО КРАЈОТ НА ГОДИНАТА
Според истиот извор, се проценува дека дневно околу 11.400 возила ќе го користат новиот мост, чие отворање би требало да го скрати времето на патување за околу 50 минути.
Но, иако мостот е отворен за сообраќај, работите не се целосно завршени. Структурата на мостот и делови од пристапните патишта се во функција од четвртокот, додека изградбата на останатите пристапни патишта се очекува до крајот на 2023 година.
Мостот е наменет исклучиво за патен сообраќај, со ограничување на брзината од 80 km/h, а доколку летово патување ве однесе во овој дел од Европа, имајте на ум дека сообраќајот на мостот е во прекин ноќе, помеѓу 21 часот и 6 часот наутро, од понеделник до петок. Овие мерки важат до 30 ноември 2023 година.
Проектанти на мостот се италијанската компанија Astaldi S.p.A и јапонската IHI Infrastructure Systems Co., Ltd., која е и еден од изведувачатите заедно со уште една италијанска компанија, Webuild S.p.A.