Во Риека започна изградбата на комплексот Западна Жабица, проект вреден околу 70 милиони евра кој ќе опфати нов автобуски терминал со 14 перони, јавни гаражи со 800 паркинг места и 8.000 квадратни метри комерцијален и деловен простор. .
Со реализација на архитектонскиот проект, изработен од загрепското студио 3LHD уште во 2008 година, административниот центар на Приморско-горанската жупанија не само што ќе добие модерна автобуска станица и гаража, туку и своевидно отворање кон морето, како и нови објекти на просторот помеѓу зградата на Капетанијата и брегот на Бодули.
Пристаништето отсекогаш било затворено за јавноста
Проектот на новиот автобуски терминал и јавна гаража во Риека е еден од првите чекори за „освојување“ на подрачјето на пристаништето, кое полека почна да се отвора кон градот, објаснуваат од 3LHD.
Се наоѓа во делот на пристаништето на Риека, кој секогаш бил затворен за јавноста, помеѓу железничката станица, стоковиот терминал и патничкото пристаниште.
„Еден од важните определувачки фактори на обликувањето е разликата во обемот помеѓу пристанишните складишта од една страна и градските блокови од друга“, наведуваат од бирото.
Како што понатаму наведуваат загрепските архитекти, новата терминална зграда со должина од 225 метри потсетува на масивноста на магацинот, додека урбаните блокови ги одредуваат висинските димензии и поделбата на куќата на зони – блокови со атриуми.
„Областа на новиот терминал е опкружена со секаков вид сообраќај – железнички, товарен, пристанишен, патен и пешачки – па така новата инфраструктура на зградата стана урбана стратегија, многу повеќе од самата архитектура“, велат од 3LHD.
Во зградата се сместени автобуски терминал со 14 перони и 6 паркинзи за автобуси, јавна гаража за над 800 возила, трговски центар со придружни угостителски и комерцијални објекти на приземјето, а деловни и јавни објекти на горните катови.
Почит на пристанишните кранови и конструкции
Пристапот за пешаците е овозможен од улицата „Крешимирова“, новооформениот плоштад „Жабица“ и проширената улица „Рива“, а сите тие се обединуваат на најниското ниво на зградата, од каде што одат кон повисоките катови.
„Со проектирање е создаден висококвалитетен и достапен ‘пешачки остров’ на автобуската станица, од кој е овозможен пристап до пероните, без преклопување на пешачкиот и колскиот сообраќај“, велат од 3LHD и додаваат: „Конструкцијата и фасадата се од челик и претставуваат своевидна посвета на пристанишните кранови и конструкции, а воедно овозможуваат поголеми распони и подобро обликување на просторот.“
„По 18 години откако ја освоивме првата награда на конкурс, почнуваат работите. Оваа зграда е мегаинфраструктура проникната – со патишта, рампи, вијадукти, пешачки коридори и подеднакво наменета за автомобили, автобуси и луѓе на повеќе нивоа за да не си сметаат еден со други“, изјави Силвије Новак, архитект и еден од основачите на студиото 3LHD, кој е роден во Риека.
Рокот за завршување на работите е две години.