ДРАГИ ЧИТАТЕЛИ
Асоцијацијата на архитекти на Македонија го додели најголемото еснафско признание, наградата за животно дело „Андреја Дамјанов“. Овогодишен лауреат е професорот Михаил Токарев. Наградата му беше врачена за особени дострели и личен придонес во развојот на архитектурата во Македонија. Заради својата работа врз заштитата на културното наследство, на врачувањето на наградата тој беше наречен – Чувар на делото на големите мајстори.
Во пресрет на Зимските олимписки игри во Сочи, градот доби нови обележја. Едно од нив е станбениот комплекс “Актер Галакси”. Тој е еден од најнеобичните, најлуксузните и најатрактивните станбени комплекси во најголемиот туристички центар во Русија, а се наоѓа директно на брегот на Црното Море.
Темата за влијанието на челичните влакна врз граничната состојба на пукнатини кај армирано- бетонските греди привлече големо внимание на годинешниот собир на градежните конструктори во Струга. Иако се претпоставувало дека најголемата придобивка од додавањето на челичните влакна ќе биде зголемувањето на јакоста на затегнување, утврдено е дека подобрувањата се најголеми во однос на жилавоста, дуктилноста и развојот на пукнатините. А со намалувањето на широчината на пукнатините значително се зголемува трајноста на армирано-бетонските конструкции.
Британски искуства, македонски предизвик. Последниве неколку години, жителите на Североисточна Англија се сведоци на значителни промени во силуетата на урбаната средина во која живеат. Иконите на минатото, високите објекти според кои жителите и посетителите се ориентираат во прoсторот, по само половина век полека почнаа да исчезнуваат. Кај нас ситуацијата е поинаква. Без да се навлегува во оправданоста и потребата за високи објекти во земјата, нивната изградба сама по себе налага уште подобро решавање на меѓусебните односи и обврски не само во овие објекти, туку и во сите повеќестанбени објекти воопшто. Ова е особено важно кога станува збор за повисоките објекти, каде безбедноста на објектот зависи од редовното одржување на системите за заштита на објектот, но и други фактори.
ОД РЕДАКЦИЈАТА