Насловна / Вести / Во пресрет на COP28 во Дубаи: Предизвиците на Европа и на Блискиот Исток

Во пресрет на COP28 во Дубаи: Предизвиците на Европа и на Блискиот Исток

Неколку дена пред почетокот на глобалниот климатски самит COP28, ескалацијата на насилствата помеѓу Израел и Хамас, секако фрла сенка на овој настан и става во фокусот нови грижи во однос на безбедноста. Организаторите велат дека ќе бидат преземени сите мерки и дека очекуваат рекордна посетеност на настанот од кој многу се очекува. Имено, на овој самит треба да се постигне консензус за намалување на емисиите за најмалку 43 % во следните седум години, со цел задржување на лимитот во глобалното загревање на договорените  1,5 °C во Париз.

6018ef02-gp1svr4y-1024x683

Експертите се свесни дека во пресрет на Самитот кој ќе се одржи од 30 ноември до 12  декември, кризата на Блискиот Исток носи неизвесност не само во поглед на безбедноста и на напорите за постигнување консензус, туку и во намалување на расположливите ресурси за постигнување на целите. Последново особено се однесува на поддршката од развиените земји за менаџирање на влијанието врз климата. Токму во време кога ресурсите и напорите за борба со климатските промени се очајно потребни, тие за жал ќе бидат насочени во поддршка на воените операции, ризикувајќи понатамошни глобални еколошки последици. Обединетите Арапски Емирати се надеваат дека меѓународната заедница ќе се обедини во напорите за деескалација на судирот и мирна разрешница. Во пресрет на климатскиот самит, неодамна во Абу Даби одржан е специјален состанок на 50 лидери од индустријата на нафта и гас, челичната и цементната индустрија, со цел забрзување на декарбонизацијата во овие сектори. Успешната транзиција бара развој на нови технологии, како што се зелениот водород, технологијата за зафаќање и складирање на јаглерод, нова инфраструктура и нови политики. Голем дел од учесниците на овој состанок, ќе присуствуваат и на Самитот во Дубаи, но многу е значајно тоа да го сторат со предлагање на конкретни решенија.

cop28

Освен претходно споменатата цел за намалување на емисиите за најмалку 43 % до 2030 година, потребно е и намалување од 60 % односно 84 % до 2035 и 2050 година соодветно. Ова се амбициозни цели, кои се тешко остварливи имајќи предвид дека засега работите не се одвиваат според зацртаното сценарио.

После долгите месеци на преговори во врска со операционализација на Фондот за загуби и штети (Loss and Damage Fund), обесхрабрувачки е што повторно овој проблем е на почетната точка. Развиените нации ја користат секоја можна тактика да ја избегнат својата одговорност. Но, сè почестите климатски катастрофи предупредуваат дека не смее да се дозволат понатамошни одложувања. Заедниците кои го носат најголемиот товар од овие настани, иако не ги предизвикале, заслужуваат вистинска посветеност и акција, а не предавство, сметаат од  Climate Action Network International, во својата изјава непосредно пред последниот состанок на Transitional Committee on Loss and Damage, одржан во Египет.

Climate-montage-scaled

Што се однесува до ЕУ, новиот комесар за климатска акција Wopke Hoekstra, се соочи со незгодни прашања во Европскиот парламент, поврзани со неговото недоволно искуство во областа на креирањето климатски политики, како и во минатиот (иако краток), работен ангажман во нафтениот гигант Shell. Некои сметаат дека токму искуството во нафтената индустрија, ќе му помогне во конструктивен ангажман на доближување на ставовите на спротивставените страни, особено со оние од Блискиот Исток. Во таа смисла, посебно е чувствително прашањето на напуштање на фосилните горива до средината на овој век. Обединетите Арапски Емирати никогаш немаат поддржано конкретна временска рамка за напуштање на фосилните горива, заговарајќи пристап кој се базира на користење на фосилни горива со намалување на емисиите, односно нивно складирање и повторно користење (CCUS – Carbon Capture Utilization and Storage). Во заедничка изјава, повеќе групи за заштита на човековите права и заштита на животната средина, велат дека стравуваат од изборот на ОАЕ за домаќин на овој самит, бидејќи земјата претставува пречка во ефективната борба со климатските промени, но исто така не ја кријат својата загриженост околу нивното право да учествуваат на настанот како активисти.

262813_carboncapture_utilization_storage_ccus__marine_offshore_186811

Евентуалниот неуспех на COP28 да се постигне договор кој ќе овозможи напредок во постигнувањето на климатските императиви, ќе ја продлабочи поделбата кај меѓународната заедница и ќе спречи каков било реален напредок во справувањето со оваа глобална закана. Токму затоа, Европа треба да биде пример и предводник во напуштањето на фосилните горива. Монархиите од Заливот во таа смисла се перципираат како добар тест за ваквиот прагматичен пристап. Овие земји се домаќини на речиси една третина од потврдените светски резерви на нафта, и на околу една петина од резервите на природен гас. Исто така, тие имаат и финансиски ресурси за поддршка на нивните зелени амбиции, техничка експертиза во енергетскиот сектор, како и пристап до најевтината соларна енергија на светот. Европа може да биде добар партнер за овој регион, со оглед на искуството во енергетската транзиција, постоечките индустриски врски, како и географската блискост. Каков било прогрес во однос на оваа соработка, ќе послужи како добар пример за декарбонизација на енергетскиот сектор каде било во светот. Во таа насока, за да се постигне конкретен резултат на COP28, европските земји мора првенствено да се фокусираат на областите во кои нивните цели се поклопуваат или се блиски до оние на ОАЕ и на другите монархии во Заливот. ОАЕ имаат амбициозен план за тројно зголемување на капацитетите во обновливи извори на енергија, како и удвојување на производството на водород и двојно подобрување на енергетската ефикасност до 2030 година. Финансирањето е исто така во фокусот на ОАЕ, а земјата верува дека COP28 ќе обезбеди напредок во реструктурирањето на правилата за поттикнување на приватниот капитал и олеснување на условите за државна поддршка со цел градење на отпорност кон климатските промени.

Mission-1.5-Image

Стремежот е насочен и кон подготовка на нацрт Climate Finance Delivery Plan, во координација со Германија и со Канада, а поддржан од Светската банка и од Меѓународниот монетарен фонд, кој конечно ќе доведе до формирање на Фондот за загуби и штети. Крајната цел е пронаоѓање на компромис помеѓу развиените земји, кои бараат да финансираат проекти за зајакнување на климатската отпорност, и земјите во развој од друга страна, кои бараат флексибилна финансиска поддршка. По посетата на претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен на ОАЕ во септември 2023, дефинирани се неколку приоритетни области за соработка: обновливи извори и енергетска ефикасност, инвестиции во чисти технологии, соработка во склоп на Global Gateway initiative за проекти во обновлива енергија во Европа, Блискиот Исток и Северна Африка, како и соработка во размена на енергетски технологии помеѓу Европа и ОАЕ.

PHOTO-Climate-Collage-Diagonal-Design-NOAA-Communications-NO-NOAA-Logo

ЕУ ги критикува ОАЕ, кои гледаат „сребрен куршум“ во технологиите за зафаќање, складирање и употреба на јаглерод, но во исто време ги признаваат како алатка која ќе ја помогне декарбонизацијата како дел од Европскиот зелен договор. Во моментот, капацитетот во постројки за CCUS е недоволен, вклучувајќи го и оној во Заливот, каде има само три активни вакви постројки. Генерално, мора уште многу да се вложува во развој и истражување со цел поголема комерцијална примена на овие технологии, во што се разбира се очекува Европа да има лидерска улога.  Во исто време пристапот до суровини за реализација на енергетската транзиција останува сериозен предизвик. Секако многу прашања остануваат глобален предизвик пред овој самит, а многумина и не се оптимистични дека ќе се постигне сериозен напредок, особено во актуелниов геополитички контекст. Од аспект на Европа и на Блискиот Исток, одговорноста е голема. За ОАЕ тоа е предизвикот да се организира успешен настан, додека за ЕУ тоа е товарот од лидерската улога во борбата со климатските промени.

Испрати коментар

Scroll To Top