Започна со работа новата хрватска ветерна електрана ВЕ „Љубач“, во близина на Книн. Електраната е изградена од страна на словенечката енергетска компанија „Петрол“, на која ова и е втора изградена ветроенергетска постројка. Електраната со моќност од 30MW, се состои од девет ветрогенератори кои ќе произведуваат 96 GWh електрична енергија годишно, што ќе ги задоволи потребите на околу 30.000 домаќинства. Воедно, станува збор за проект кој „Петрол“ го реализирал без било какви субвенции. „Петрол“ се повеќе се свртува кон производство на електрична енергија од обновливи извори, а такви постројки (соларни електрани, ветерни електрани и хидроелектрани) во најголем број има изградено во Хрватска, Босна и Херцеговина и Србија. Вкупната моќност на сите тие постројки на крајот на 2020 година е 33,5MW, додека целта на компанијата е до 2025 година да достигне 160MW.