Cable 1, проектот на првата градска жичара во Париз што ќе поврзе неколку предградија на југоистокот на француската престолнина со метро системот, конечно се реализира.
Изградбата ќе почне подоцна оваа година, објави францускиот весник Le Parisien, а системот вреден 132 милиони евра треба да им биде предаден во употреба на парижаните во текот на 2025 година.
Според Dezeen, зад овој проект стојат архитектонското студио Atelier Schall, производителот на жичара и ски-лифтови Doppelmayr France, транспортната компанија Ile-de-France Mobilites, како и градежните компании Spie Batignolles и Egis Rail.
Кога ќе биде завршена, линијата ќе биде долга 4,5 километри и ќе има пет станици во предградијата Кретеј, Лимеј-Бреван, Валентон и Вилнев-Сен-Жорж.
По должината на трасата ќе бидат изградени вкупно 33 столбови во форма на Y и V за поддршка на надземната линија на жичарницата.
Секоја кабина ќе може да прими десет патници, а се очекува системот да превезува околу 1.600 луѓе на час за време на шпицот.
Системот на жичарницата беше избран поради ридскиот терен во предградијата, што го ограничи создавањето на нови метро и железнички линии.
Станиците ќе опслужуваат различни заедници и секоја ќе има свои уникатни дизајнерски елементи.
На терминалот Pointe du Lac на Кретеј, пешачки мост ќе ја поврзува станицата со блискиот трговски центар, додека станицата Bois Matar во Villeneuve-Saint-Georges ќе биде проектирана да го зачува погледот на околното земјоделско земјиште.
Станиците кои се наоѓаат на приземјето ќе имаат постепени падини што ќе им овозможат на патниците пристап без скали или лифтови.
Скалите, лифтовите и ескалаторите ќе бидат поставени на станиците лоцирани над земјата за да се поврзат со подигнатите платформи.