Во Општина Гази Баба вчера беше свечено пуштен во употреба Културниот центар „Димитар Влахов“, во кој ќе функционира културен дом, библиотека и најсовремено музичко студио за снимање на филмска музика на компанијата Феимс од Франција.
Културниот центар е направен по пат на Јавно приватно партнерство, помеѓу општина Гази Баба и француската компанија Феимс.
На свеченото отворање присуствуваа амбасадорот на Република Франција во Република Македонија Н.Е. Кристијан Тимоние, министерот за култура, Роберт Алаѓозовски, градоначалникот на град Скопје, Петре Шилегов, преставниците на компанијата Феимс, членови на Советот на општина Гази Баба и жители на општината.
Одличната соработка на општината со компанијата Феимс резултираше со нова голема инвестиција во Гази Баба и изградба на нов, современ културен центар во Автокоманда.
Со овој проект започнува децентрализацијата во Република Македонија на културата. Општина Гази Баба е прва општина која ја реализира децентрализацијата во делот на културата и со тоа ќе бидеме пример за другите општини.
По завршувањето на официјалниот дел, присутните имаа можност да го разгледаат културниот центар и по повод 27 – ми април, Меѓународниот Ден на театарот, да ја проследат театарската претстава „Островот на скриеното богатствао“, во изведба на аматерскиот театар „Чекори“.