Во Охрид од 29. јуни до 5. јули се одржа 11. Меѓународна летна школа за архитектура и дизајн, во организација на Факултетот за архитектура и дизајн при Универзитетот „Американ Колеџ“ од Скопје, поддржана од Министерството за култура, Амбасадата на Република Полска и Општина Охрид.
Предизвикот на кој работеа учесниците на школата беше хотелот „Палас“, изграден во далечната 1958 година, дело на реномираниот словенечки архитект Едо Михевц.
Студентите се занимаваа со темата преку посебни опсервации на дадената студија на случајот на хотел Палас во Охрид со мултидисциплинарно толкување на општествениот капацитет на градењето и неговиот однос со природното и изграденото опкружување.
„Учесниците на годинешната летна школа, кои повеќето се талентирани студенти и наши колеги од земјава и странство, со голем ентузијазам, знаење и имагинација одговорија на годинешниот предизвик. Од мноштвото понудени замисли и можни архитектонски решенија презентирани на завршната изложба, може со задоволство да констатирам дека хотелот „Палас“ е навистина импозантен, а за архитектите и крајно инспиративен објект кој заслужува да му се посвети посебно внимание и кој располага со огромен потенцијал повторно да прерасне во еден од маркантните обележја на градот Охрид и со кој ќе се освежи и збогати домашната туристичка понуда“, вели проф. д-р Мишко Ралев, директор на Меѓународната летна школа за архитектура и дизајн.
Целта на Охридското летно училиште на кое Куба Снопек беше водечки тутор е да предложи алтернативна стратегија за враќање на Палас во живот.
Последниот ден беше посветен на изложбата, прикажувајќи ги резултатите од 11-тата сесија на Летната школа за архитектура и дизајн. Влезното фоаје на хотелот Палас во Охрид привремено беше трансформирано во изложбени простор каде што голем број од гостите можеа да ја видат работата на студентите.
Автор на фотографии: Стефан Жупан