Утре, 28 мај, во 20 часот во Музејот на современата уметност – Скопје ќе биде отворена интернационалната изложба „Настан од една нишка: Глобални наративи во текстил“, организирана oд Институтот за меѓународни односи во културата (ИФА) и МСУ-Скопје, а курирана од Сузан Вајс, Инка Гресел и Јованка Попова.
За посетителите кои се заинтересирани да ја погледнат изложбата со личен кустос водич, истата вечер во 19.30 часот, пред официјалното отворање, кустосот Бојана Јанева со дел од присутните уметници ќе проговори за концептот на поставката пред присутните.
Уметници чии дела ќе бидат изложени се: Ула вон Брандеребург, Кристина Божурска, Јане Чаловски и Христина Иваноска, Ноа Ешкол, Андреас Екнер, Ули Фишер, Зиле Хома Хамид, Хајде Хинрикс, Олаф Холзафел, Криста Џетнер, Елиза ван Јоолен и Винсент Вулзма, Јован Јосифовски, Ева Мајр и Еран Шаерф, Карен Мишелсен Кастанон, Џудит Раум, Франц Ерхард Валтер, Зорица Зафировска и Клелија Живковиќ; заедно со инсталацијата „Простор Баухаус“, визуелна архива за историјата на работилницата за ткаење во комплексот Баухаус Десау и Вајмар (уметничко истражување: Џудит Раум; дизајн: Јакоб Кирш; архитектура: S.T.I.F.F.) и уметнички дела од уметниците застапени во Колекцијата на МСУ-Скопје: Соња Димитрова, Димче Коцо, Јоланта Овидска, Исмет Рамичевиќ, Лиза Рехштеинер, Мира Спировска, Душко Стојановски, Патриција Веласко Уалин.
Текстилот е во основата на патувачката изложба организирана од ИФА, со фокус на прашањата: „Кои значења и пораки се својствени за ткаенините?“, „Каква е нивната културна важност?“, „На кој начин можат да се „прочитаат?“, „Што пренесуваат ткаенините за нивното потекло, значења и општествени улоги?“ и „Кои традиционални текстилни техники уметниците ги апроприираaт, издвојуваат, релоцираат и враќаат во живот?“. Текстилот претставува локус во кој уметноста, доаѓа во допирна точка со рачните изработки, традицијата се среќава со сегашност, а локалното познавање се испреплетува со глобалните односи.
Изложбата ги истакнува бројните комплексни начини на работа со текстил на уметниците – учесници. Личните и естетските наративи се поврзани со општествените и економските конфигурации во глобалниот свет. Во 1965 година, Баухаус уметницата Ани Алберс го опиша „настанот од една нишка“ како мулти-линеарен, без почеток или крај: во главно, неговото значење е постојан простор за преосмислување на односите и преструктурирање на врските и контекстите.
Уметницата Џудит Раум го создаде „Просторот Баухаус“, инсталација посветена на Баухаус работилницата за ткаење. Се среќаваме со преткаени материјали и историски платна во специјално дизајниран дисплеј, преку кој се раскажува извонредно успешната приказна во шест поглавја.
Сведоштва за комплексните записи на текстилот врежани во културната и индустриската историја се среќаваат на секој агол од светот. Во политичка клима обележана со студенило и суровост, ткаенините имаат моќ да евоцираат спомени од некогашни потопли, похумани времиња, да потсетат на вредноста на рачната работа, да повикаат на емпатија и солидарност. Оттука, во соработка со современи домашни уметници, основната поставка од изложбата е надополнета со уметнички дела, кои создаваат нови наративи значајни за текстилот во локалниот контекст и нивниот ангажиран одговор на различни состојби на опресија, системска, но и интерперсонална.
„Делата од колекцијата на МСУ – Скопје, пак, во овој контекст се изложени, не само како сведоштва за живите искуства и сеќавања произлезени од земјотресот, туку и како силен потсетник денес за потребата од прекинатите нишки на глобални мрежи на поддршка и емпатија кои трагичниот настан на лична и колективна загуба го трансформираат во модел на транснационална солидарност“, вели кураторката Јованка Попова.
Изложбата е поддржана од Германската амбасада – Северна Македонија и Гете институтот – Северна Македонија и Тиквеш.
Изложбата ќе биде отворена до 2 септември 2024 година.
Фотографија: Јане Чаловски и Христина Иваноска, Одкоренето (детаљ), 2015.