Во Музејот на современа уметност во Скопје вчера се отвори изложбата PRE/FABRIC. Изложбата е проект на архитект Милан Мијалковиќ и Катарина Урбанек од Австрија. Проектот ја истражува историјата и трансформацијата низ годините на монтажните куќи „бараки“, донирани на Скопје од разни земји од светот во знак на солидарност по катастрофалниот земјотрес.
„PRE/FABRIC“ трага по приказните на куќите во ова малку истражувано поглавје од историјата на главниот град на Македонија. Проектот ја разгледува историјата на градбите на шест куќи и искуството на домаќините од животот во нив. Преку начинот на кој ги користеле објектите низ годините и оптимално ја приспособиле нивната структура заради задоволување на личните потреби. „Бараки“ во кои повќе генерации се снаоѓале на разни начини со доградување, надградување и пренамена на простори и го организираат своето живеење.
Изложбата се состои од фотографии на „бараките“ и нивниот простор за живеење изменет со тек на годините, елементи од бараките, врати, преградни панели, делови од кровна конструкција, салонит за покривање, и документи кои се однесуваат на монтажните градби. Решенија за доделување на „бараките“, молба од граѓани за добивање бараки, решенија за одобрени кредити на 40 години со 1% камата (во меѓувреме се случија огромни инфлации) итн.
За жал денес голем дел од тие бараки со новите ДУП-ови се или продадени за големи пари или претворени во станбени згради изградени на постојната инфраструктура предвидена пред 50 години за истите тие монтажни куќи.