Проектот и изложбата „Ослободување-на-просторот“ на кураторите Слободан Велевски и Марија Мано Велевска и четирите тимови архитекти, вчера во 20 часот беше отворена во преполната сала во Музејот на современа уметност (МСУ).„ Ослободување-на-просторот“ е всушност претставникот на македонскиот павилјон на 16. Интернационална изложба на архитектурата во Венеција во 2018 година.
Професорот Влатко П. Коробар пред присутните говореше за проектот кој ги отвора прашањата што во последниве години ги наметна насилната преобразба на идентитетот на Скопје.
А кураторите велат: „Во популистички агресивната градежна офанзива наречена „Скопје 2014“, што го окупира средиштето на градот со недогледни колони на накитени стиропорни фасади и помпезни бронзени споменици, архитектурата и урбанизмот беа злоупотребени за крајно фриволно располагање со јавниот простор и за заробување, потиснување или негирање на претходните архитектонски достигнувања“.
Поставката третира четири различни проекти изработени од четири тимови архитекти во соработка со кураторите: проектот „Непријатна блискост“ го реконципира објектот на ЦК СКМ, односно Владата на Република Северна Македонија; проектот „Повторно поврзување“ го обликува просторот помеѓу комплексот Пошта – Телекомуникациски центар; проектот „#Ослободување #Поврзување #Прочистување #Репрограмирање“ го третира платото пред Македонската опера и балет (МОБ); проектот „Дестратификација Скопје“ ја преформулира фасадата и содржината на зградата на НА-МА.
Ова се идеи кои може некому да се допаѓаат или не, но важно е дека отвараат простор за дебата, спротивставување на ставови, поставуваат прашања и бараат одговори.
Кураторите најавија кон крајот на април дека на македонски јазик ќе излезе проширено издание на книгата за на шиот претставник во Венеција, а ќе се одржи и трибина, која има за цел да го поттикне дијалогот во јавноста и да побара политички и општествен став околу прашањата иницирани со проектот „Ослободување на просторот“.
Изложбата ќе биде отворена до 30 април 2019.