Во Домот на руската емиграција именуван по Александар Солженицин во Москва, на 30. октомври отворена е изложбата „Руските архитекти во Скопје 1920-1940 год.“, која ќе биде поставена до 30. ноември. Изложбата е резултат на соработката на Музеј на град Скопје со Домот на руската емиграција. По затворањето изложбата ќе биде достапна како виртуелна изложба на веб-страницата на музејот.
Автори на изложбата се Јасминка Намичева, научен соработник, кустос советник на одделот за архитектура во Музеј на град Скопје, и Екатерина Намичева Тодоровска, научен соработник на Катедрата за историја на архитектуа на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, додека кустоси се Татјана Јуревна Иринархова и Дарја Александровна Жмилева од Домот за руската емиграција во Москва.
Изложбата раскажува за придонесот на руските архитекти и инженери во модернизацијата на градовите во историскиот и географскиот регион на Македонија.
На изложбата се претставени 20 паноа со фотографии од архивски документи, проекти и фотографии; 3Д визуелизации од објекти што повеќе не постојат, документарни филмови и фотографии од објекти проектирани и изградени од руските архитекти кои живееле и работеле во Скопје во периодот 1920-1940 година.
Куќа/одаја на браќата Четкушевиќ, разгледница 1931 година, архитект Борис Дутов
На официјалната страна на Домот на руската емиграција именуван по Александар Солженицин за изложбата се вели: „Бидејќи Македонија била дел од Отоманската империја до 1912 година, нејзините градови имале исклучиво „ориентален“ изглед. Со цел да ја интегрираат Вардарска Македонија, властите на Кралството СХС/Југославија задале задача да се модернизираат („европеизираат“) нејзините градови, првенствено Скопје. Во тоа време, во земјата имало недостиг од квалификуван кадар. Пристигнувањето на руските бегалци во земјата помогнало да се реши овој проблем. Така, особено руските архитекти, инженери и друг технички кадар веднаш биле вработени во градежните и техничките оддели на Скопската општина. Со нивна помош, градоначалникот на Скопје, архитектот Јосиф Михаиловиќ во 1929 година го направил новиот мастер план за градот. И во меѓувоениот период, главниот град и другите градови на Вардарска Македонија радикално го смениле својот архитектонски изглед.
Проектот на зградата на браќата Бојаџиевиќ на аголот на улицата Петар и Цар Никола Наследник во Скопје, 1931 година, архитект Иван Артемушкин
Како резултат на советско-југословенскиот конфликт од 1948 година, руските емигранти припаднале на категоријата „неподобни елементи“, повеќето од нив со своите семејства или доброволно ја напуштиле земјата или биле депортирани во Бугарија и Албанија. Сеќавањето на нивниот придонес во модернизацијата на земјата всушност било „избришано“ од историјата. Дополнително, земјотресот во 1963 година уништи поголем дел од зградите во Скопје, што исто така имало негативно влијание врз зачувувањето на историската меморија.
Офицерски дом Скопје, 1929 година, архитект Василиј фон Баумгартен
Како резултат на долгогодишно истражување во Архивот на град Скопје и Државниот архив на Република Северна Македонија, авторите на изложбата успеаа повторно да ги откријат заборавените имиња и проекти на руските архитекти, инженери, технички експерти кои работеле во Вардарска Македонија. Резултатите од оваа истражувачка работа всушност за прв пат се претставени“.
Цртеж на главната фасада на Институтот за тропски болести во Скопје, 1922-1925 година, архитект В.М.Андросов
На изложбата можат да се видат проекти на Иван Артемушкин, најпродуктивниот архитект кој работел во Скопје (утврдено е дека проектирал повеќе од 400 станбени згради и повеќе од 50 други објекти), Борис Дутов, Константин Хоменко, Ефраим Бронштајн, Евгениј Дацков, Михаил Дворников, Вјечеслав Бујко, Николај Бурхановски, Николај Никушкин, Ваган Карагањан, Михаил Матвеев, Василиј фон Баумгартен, Иван Рик, Виктор Лукомски, Петар Анагности, Василиј Андросов, Григориј Самојлов и Николај Краснов.
Проект на објектот „Училишта покрај пазар“ на десниот брег на реката Вардар, архитект Иван Артемушкин
На отворањето на изложбата, Игор Владимирович Домнин, заменик директор на Домот на руската емиграција, ја истакнал важноста на изложениот документарен материјал, изразувајќи задоволство од почетокот на соработката меѓу двете земји. Една од авторките, Јасминка Намичева, истакна дека скопските архитекти со руско потекло се од подеднакво значење за двата народа како дел од нивното културно наследство, како дел од архитектонската култура на Скопје. „Тие се еден вид мисионери на културата и претставуваат мост меѓу руската култура и културата на народите кај кои се населиле. Токму тие мостови сега се обидуваме да ги одржиме, со претставување на оваа изложба“, рече Јасминка Намичева.
Јасминка Намичева, научен соработник, кустос советник на одделот за архитектура во Музеј на град Скопје