Сите не потресе страшната вест за несреќата која ја погоди Грција и грчкиот народ.
Катастрофалните пожари кои беснееа околу Атина оставија апокалиптични слики, однесоа голем број жртви, чив број се уште се пребројува. Причинета е огромна материјална штета, човечка тага и несреќа која со ништо не може да се ублажи.
Во овој момент единствена работа која можеме да ја направиме е да помогнеме, секој онолку колку може и на начин на кој најодбро умее. Треба да покажеме дека сме луѓе, а тоа е најпотребно кога е најтешко. Пред се како човек на човек, а потоа како соседи, како држава, а не како политика за која во моментов нема место. Затоа треба вистински да се биде и хуман и мудар, едноставно, животот е поголем и поважен од се останато.
Денес Скопје се сеќава, исто така на една катастрофа, 55 години од земјотресот 1963 година. Но, Скопје најмогу од се ги помни жртвите и ја почитува и никогаш не смее да ја заборави солидарноста на светот. На жртвите вечна почит, а на преживеаните град.
Скопје по 1963 година навистина стана град и навистина секој објект, булевар и улица во Скопје се е споменик на солидарноста. Скоро и да е невозможно во светот да се најде град во кој 82 земји оставиле нешто што многу идни генерации ќе ги потсеќа дека тој е град на солидарноста. Мораме да помниме, за да умееме да ги почитуваме жртвите и да научиме што значи солидарност.
Сега имаме прилика да покажеме на дело дека знаеме дека ниедна несрќа не е единствена, последна и неповторлива. Несреќите не се случуваат секогаш и само на други. Должност ни е да помогнеме во несреќа за да им олесниме на оние кои ги затекнала. Но и поради себе и поради Скопје, Поради себе за да бидеме подобри луѓе, поради Скопје затоа што светот ни подари град. А во моментов Атина е поважна од Скопје.
Во Македонија почна акција за собирање на помош за настраданите. Црвениот крст на Македонија ги повикува заинтересираните правни субјекти и граѓани да се вклучат во акцијата за помош на настраданото население.
Донациите може да се уплатат на жиро сметка на Фонд на солидарност 300000001327966 ДБ 4030984271620 – Комерцијална банка или со донирање на 100 денари со повик на телефонските броеви 075/070/077 143 400. Исто така, може да се донираат и странски парични средства на сметката:
NAME OF THE ORGANIZATION: MACEDONIAN RED CROSS
BANK NAME: KOMERCIJALNA BANKA AD SKOPJE
BANK ADDRESS: UL. ORCE NIKOLOV NO.3, 1000 SKOPJE, MACEDONIA
BANK ACCOUNT: 300000000000133 25730522-11
SWIFT CODE: KOBSMK2X
IBAN CODE: MK07300701000001228
Црвениот крст на град Скопје во соработка со Градот Скопје дополнително ќе испрати хуманитарна помош во хигиенски пакети, пакети со храна и бебешки пелени. Сите хумани граѓани пакети со пелени, хигиенски производи, конзервирана храна, средства за одржување на хигиена може да ги донираат и во скопскиот кафе бар „Нано бар“од каде пакетите потоа ќе бидат доставени до местата каде се најпотребни.
Скопје – градот на солидарноста и македонската Влада одвоија седум милиони денари како првична помош за Атина.
Редакцијата на Порта 3 се вклучи во повикот на Црвениот крст и донираше парични средствa. И нашиот главен спонзор, компанијата Адинг даде свој придонес со донација од 100.000,00 ден.
Редакцијата на Порта3 исто така се приклучува кон апелот за стопирање, осуда и санкционирање на говорот на омраза и истакнувањето на недолични коментари по социјалните мрежи.