Музејот на град Скопје (МГС) и Асоцијацијата за култура ИКОН ве покануваат на 26. ноември (вторник) во 13 часот на отварање на изложбата „Во слава на Леонардо“.
Владимир Георгиевски „Леонардо α и Ω“ (2015)
Асоцијацијата за култура ИКОН и Град Скопје со изложбата „Во слава на Леонардо“се придружуваат во одбележувањето на 500 години од смртта на бесмртниот ликовен и интелектуален маг на италјанската ренесанса Леонардо Да Винчи, чиј дух и дело се светско културно наследство. Раскошен дух, и денес архетип за ренесансна личност во која се остварува големата синтеза на уметноста и науката.
Константин Качев „Заборавени херои“ (2019)
Леонардо е генијален цртач и сликар, пронаоѓач на техниката на свуматото, која ќе му даде нов тон на сликарството и ќе го помести во просторот на безвременото, метафизичкото. Неговото дело нема само строга музејска вредност, туку тоа и по неговата смрт се до денес ќе остане еден од најинспиративните извори за уметниците од Европа и светот.
Дијана Томиќ Радевска „Дама со хермелин“ (2015)
Асоцијацијата за култура ИКОН во оваа јубилејна година сака да се надоврзе на таа величествена леонардова линија со учество на уметници во изложбата , кои се инспирирани од Леонардо и кои со својот талент ќе се вградат во богатата леонардова традиција на уметничка инспирација, сега по повод половина милениум од неговата смрт.
ИКОН е благодарен на уметниците кои се вклучија во овој проект како креативно одбележување на овој драгоцен јубилеј.