Grand Stade Hassan II, најновиот проект во областа на спортските објекти, ќе биде сместен во близина на Казабланка во Мароко. и претендира да стане најголем фудбалски стадион на светот. Проектиран е во соработка со стручњаците за стадиони од компанијата Populous и архитектонското студио Oualalou + Choi.
Проектот ќе служи како едно од главните места за претстојното Светско првенство во фудбал 2030 година, кое заеднички ќе го организираат Мароко, Португалија и Шпанија. Стадионот ќе има облик на голем шатор, и ќе може да прими 115.000 гледачи. Со тоа ќе го надмине во моментот најголемиот стадион во светот кој се наоѓа во САД и прима 107.601 посетители. Надворешноста на стадионот ќе биде прекриена со алуминиумска решетка која овозможува природно проветрување, а дизајнот вклучува 32 скалила кои формираат капии, опкружени со зеленило. На стадионот ќе има и ботанички градини.
Покрај тоа што ќе служи како главен стадион за Светското првенство, Grand Stade Hassan II ќе биде и домашен терен за два локални фудбалски клуба. Стадионот ќе биде завршен пред 2030 година, односно пред почетокот на Мундијалот.