Кинеската компанија Sinopec, ја гради најголемата фабрика на светот за производство на водород со користење на енергија од обновливи извори. Оваа постројка ќе се снабдува со електрична енергија од соларна електрана со инсталирана моќност од 300 MW, а пуштањето во работа се очекува во јуни 2023 година. Sinopec (China Petroleum & Chemical Corporation) планира во оваа фабрика да произведува 20.000 тони „зелен“ водород годишно, а очекуваното намалување на емисиите на CO2 е околу 485.000 тони на годишно ниво.
Во фабриката која се наоѓа во северозападниот дел на Кина, ќе бидат вложени 470,8 милиони долари, а соларните панели ќе се простираат на површина од 630 хектари. Производсната цена на „зелениот“ водород е проектирана на 2,67 американски долари за килограм. Енергетскиот гигант Sinopec, кој е во државна сопственост претходно најавил дека овој проект опфаќа целокупен процес на производство и користење на „зелен“ водород, вклучувајќи го и производството на електрична енергија. Водородот ќе се испорачува на блиската рафинерија за нафта, каде што целосно ќе го замени водородот добиен од фосилни горива.